
Разговор со поетот Андреј Ал-Асади ќе се одржи во градската библиотека „Браќа Миладиновци“
Во спомен-собата „Т’га за југ“ на 14 декември, во 19 часот, ќе се одржи разговор со поетот Андреј Ал-Асади, чија стихозбирка „Секој секому огледало“ е книга на месецот во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје.
Препорачано
Андреј Ал-Асади е едно од најавтентичните поетски имиња од најмладата генерација. Со неговата стихозбирка „Секој секому огледало“ (издание на „ПНВ Публикации“) библиотеката жанровски ја проширува кампањата „Читаме современи македонски автори“, доближувајќи им на читателите и поети од актуелната книжевна продукција.
– Станува збор за прочистена и зрела книга, со рафиниран израз и „особен“ поетски јазик. Сите песни се длабоко промислени, експресивни, со амбиција да ги продлабочат и прошират видиците на поетскиот свет. Во нив се препознава вистински мајстор, кој поетските синтагми ги спојува во најубавите и најасоцијативните слики во современата македонска лирика – подвлекува поетот Славе Ѓорго Димоски.
Андреј Ал-Асади (1996, Лондон) дипломирал на Економскиот факултет при УКИМ во Скопје. Автор е на стихозбирките „Midnight Blues“ (2013, „Антолог“), како и „Под дервишовото сиќе“ (2018, „ПНВ Публикации“), „Небесна геометрија“ (2019, „ПНВ Публикации“) и „Секој секому огледало“ (2021, „ПНВ Публикации“) со кои влезе во најтесен избор за наградата „Браќа Миладиновци“, што ја доделуваат СВП.
Автор е и на збирките раскази „Друго минато“, за која во 2018 година ја доби наградата за дебитантски прозен ракопис „Новите“ од „Темплум“, и „Утрото на бессоните“ (2021, „Бегемот“).
Учествувал на повеќе поетски читања и фестивали, негови песни се преведени на повеќе јазици и застапен е во неколку антологии. Член е на платформата „Версополис“ и на организацискиот одбор на Скопскиот поетски фестивал.
Модератор на разговорот е Александра Јуруковска, а стихови ќе чита актерот Андреј Серафимовски. Настанот е дел од богатата програма на Град Скопје – европска престолнина на културата за 2028 година.