
Разговор со писателот Иван Шопов за книгата „Зентрифуга“: Сакам да создавам мали текстови набиени со енергија
Збирката со кратки прозни текстови „Зентрифуга“ на Иван Шопов е книга на месецот и дел од големата кампања „Читаме современи македонски автори“ на ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје.
Препорачано
Книгата „Зентрифуга“, издание на „Бегемот“, е збирка раскази полни хумор, иронија, пародизација и очудување. Иван Шопов (1987) е македонски писател и преведувач. Дипломирал на Катедрата на општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Автор е на книги раскази, песни во проза, сатирични текстови. Според него, кратката проза е неправедно маргинализиран жанр, а со разговорот откриваме и други нешта што се вртат во неговите мисли.
Какво е чувството на авторот кога негово дело ќе биде прогласено за книга на месецот?
– Секоја иницијатива за доближување на книгата до читателите е драгоцена. Колку и да сакам да побегнам од фразерството, не можам да не кажам дека се чувствувам почестен од вниманието што го добива „Зентрифуга“. Радоста е уште поголема затоа што тоа се случува токму во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, место каде што поминав многу време подготвувајќи испити, откривајќи нови книжевни светови, дури и скицирајќи дел од расказите што подоцна беа објавени во некои мои книги. Библиотеката е едно од моите омилени места во градот, па „Зентрифуга“ не можеше да се надева на нешто подобро.

Книгата „Зентрифуга“ содржи кратки раскази, а сличен пристап имаше и во твоите претходни книги. Зошто се определи за овој жанр?
– Минималистичката проза веќе петнаесетина години не престанува да биде творечки предизвик за мене. Сакам да создавам мали текстови набиени со енергија, симпатични јазични експлозивни направи, да дриблам на мал простор, да ги истражувам границите на оваа книжевна форма, проучувајќи ги можностите што ги нуди не само кусиот текст, туку и специфичната врска со огромната белина надвор од редовите. Можеби афинитетот кон микрофикција има врска и со раните читателски искуства – имам впечаток дека мојата генерација многу повеќе страдаше од раздрдорени писатели отколку од минималисти. Дали има некаков скриен бунт, слатка одмазда кон дел од задолжителната лектира? Никогаш нема да бидам сосема сигурен.
Какви се реакциите на читателите, имајќи предвид дека твоите дела се читаат лесно и брзо?
– Како автор немам амбиција моите микрофикции да имаат стотици илјади читатели, а јас со хеликоптер да слетам на стадион додека фанатизираната маса го извикува моето име и го скандира насловот на книгата. Но, читатели сепак има, а нивните реакции се драгоцени. Тука не ги подразбирам само пофалните, туку и оние со критички тон, како и некои што ми овозможуваат да ги погледнам текстовите од агол од кој не сум ни претпоставувал дека може да се погледнат. Идејата дека со напишаното можете да допрете до друг човек е една од најхрабрите идеи, луда помисла, можеби дури и утопистичка. А кога тоа ќе се случи, се остварило едно вистинско чудо.

Расказите во „Зентрифуга“ суптилно се поделени во три сегменти. Како беа поделени расказите пред да ги објавиш во книга и зошто кај дел од нив пародираш со зен-приказни?
– Пред да бидат објавени во книга, расказите беа полухаотично купче текстови, наредени хронолошки, онака како што се создавани. Исклучок претставуваше токму циклусот со пародија на зен-приказни, кој е сместен во средина на книгата, како втор од трите циклуси. Возбудлив е моментот кога пред објавувањето треба да се соочите со она што сте го напишале, да најдете одредени врски меѓу расказите, да се обидете да го разберете нивниот меѓусебен однос, да изградите одредена симболичко-значенска мрежа подредувајќи ги едни до други…
Освен циклусот со пародии на зен-приказни, кој природно се издвои според темата, обликувањето на другите два циклуса беше вистинска мала авантура – текстовите ги подредував според атмосферата, донекаде и темата, ритамот, енергијата… пристапот на места беше и интуитивен, не толку рационален… имаше и свесно „разбушавување“ на структурата… На крајот, добив збирка раскази со редослед што не можам да го замислам поинаку. Инаку, со зен-приказните сме „браќа стари“, тие ми се многу драги, па затоа си зедов слобода да си поиграм со нив на хумористичен начин.
Книгата е објавена од „Бегемот“. Какви релации меѓу писателот и издавачот се неопходни за една книга да излезе токму така како што е замислена?
– Никако не сакам книгата да излезе точно онака како што сум ја замислил. Откако ќе го помине процесот на уредување, таа мора да биде подобра од првично замислената! Во односот автор-уредник, најважна е меѓусебната доверба. Мора да верувате дека уредникот е фигура што има право да ве истегне за уши. Штом ќе се помирите со тоа, понатаму сѐ оди полесно. Од друга страна, уредникот треба да се помири со тоа дека, можеби, сакате да поработите на одредени детали во текстот до последен момент. Со „Бегемот“ не ме врзуваат само професионални и колегијални, туку и пријателски релации, па соработката се одвиваше одлично.

Своевремено беше прилично активен со КЦ „750“. Што се случува со тој проект?
– КЦ „750“ го основавме заедно со Владимир Лукаш и беше замислен како мал, мобилен културен центар, неформален арт-пункт, мало жариште за културни настани од различни области, жанрови и медиуми, сместен во култниот автомобил застава 750 – славното фиќо. Како клучен предизвик се покажа токму неговата мобилност. Сфативме дека ресурсите за одржување еден мал културен центар воопшто не се така мали како што се чинеше на почетокот. Сега КЦ „750“ е привремено гаражиран проект, кој чека некоја убава пролет повторно да забрмчи и да ги собере радосните лица од публиката околу себе. Можеби тоа ќе се случи токму пролетва.
(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 269, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 22-23.2.2025)