
Разговор со писателката Симона Јованоска за романот „Леска Брезоска“: Книжевноста не треба да бега од оптимизмот
Романот „Леска Брезоска“ на Симона Јованоска е составен од меѓусебно испреплетени животни приказни сочинувајќи една кохерентна и заокружена целина, а милјето во кое се одвиваат е македонската општествена реалност од последниве децении.
Препорачано
Прозното дело „Леска Брезоска“ е вториот роман на Симона Јованоска по дебитантскиот „Денот на црвот“, со кој ја освои престижната награда „Роман на годината“ за 2021 година. Наградите се потврда на вредностите, но и предизвик како да се пристапи кон следните креации. Тука откриваме како Симона Јованоска го надмина тој предизвик.
Од каде се појави идејата за Леска Брезоска, како прекар и синоним за еден човечки живот?
– Кога почнав да ја пишувам приказната, немав замисла за тоа каков наслов ќе има романот, си реков ќе се појави некаде попатно и ќе знам, ќе го насетам. Кога дојде ред да го пишувам поглавјето со леската, малку истражував и дознав дека му припаѓала на семејството брези, па тоа ми се виде интересно како конструкција и го прилепив како прекар на главниот лик, Јане. Конечната одлука ја донесов малку понатака зашто беше нешто автентично, има рима, лесно влегува во увото и дава убаво заокружување на приказната.
Идејата, пак, за Леска Брезоска како синоним дојде спонтано, малку по малку се редеа „тригери“ кои ме наведоа да размислувам, да ја плетам конструкцијата во главата (секое поглавје е по две страници од ворд), да подредувам делчиња од кои „нешто“ ми заигра во срцето и веднаш знаев дека тоа е она за кое треба да пишувам.
Во приказната се спомнуваат повеќе реални настани. Колку во романот има фикција?
– Романот е инспириран од реални, помалку реални и целосно измислени настани коишто ми се случиле мене, на некој друг или за нив некаде сум прочитала. Неизбежно беше да црпам инспирација од детството, онолку колку што ме држеше сеќавањето, како кога прегледуваш стар албум со фотографии и се потсетуваш за тоа што се случува на фотографијата и околностите во кои настанала.
Од друга страна, тоа ми отвори простор да го менувам минатото, да додавам и да одземам работи, да ја моделирам приказната како што сметам дека треба за да го очовечам ликот, да му дадам локален и временски печат, како и судбина во којашто многумина би можеле да се препознаат. За да не ја уништувам магијата на читањето, оставам читателите самите да си погодуваат и претпоставуваат што навистина се случило, а што е целосна фикција.

Каков притисок врз пишувањето на „Леска Брезоска“ направи успехот на „Денот на црвот“?
– Најголемиот притисок дојде од мене. Уште на почетокот си дадов задача да напишам роман што ќе биде подобар од претходниот, ама знам дека истото ќе се случеше и доколку „Денот на црвот“ не ја освоеше престижната награда. Едноставно, јас сум таков човек, сакам да се развивам, надоградувам и да бидам подобра во што и да правам. Попатно сакав да го задоволам вкусот на идеалниот читател во мојата глава, занемарувајќи се себеси како читател (јас, пред сè, сум читател, па дури потоа сум автор) и на крајот одлучив дека најважно од сè е мене да ми се допадне романот, да ги задоволи моите стандарди и да го отсликува мојот моментален внатрешен свет. Ми требаше време за да се справам со авторското его зашто наградата може да те занесе да поверуваш дека сè си научил и дека сè знаеш за пишувањето, но, за среќа, ова беше важна лекција за мене и сум благодарна што имав можност да ја научам навреме.
Твоите почетоци се поврзани со пократки раскази, некои од нив и наградени, кои се објавени во збирката „Ги најдов во длабокото“. Како ја почувствува потребата за подолги прозни форми?
– Точно е дека почнав со раскази, кои сè уште, одвреме-навреме, ги пишувам во позадина и сè повеќе ги совладувам. Двата наградени раскази „Последниот кат“ (2019, второ место) и „Кажи му на кучето“ (2022, прво место) не се дел од збирка, па оставам простор понатака можеби и да се најдат во некоја. Потребата дојде од желбата за ново. Сакав да видам до каде можам да одам како автор, да се развивам и да експериментирам во пишувањето, да излезам од комоцијата на познатото и да откривам нови потенцијали во романот како форма, а дополнителен доказ за тоа е и мојата детска книга „Градот Вабу и потрагата на Нави“ којашто, исто така, е дел од моето книжевно портфолио, како и колумните што сум ги пишувала во минатото за списанија. Сакам да се забавувам и да се развивам како повеќеслојна, во еднодимензионалноста не се чувствувам убаво, ниту како автор, ниту како човек.
Колку твојата работа како копирајтер ти помага да ја откриеш идејата и подлабоко да навлезеш во приказната?
– Многу ми помага и верувам дека, доколку не ја работев оваа работа, немаше да бидам „овде“ во книжевната кариера. Кога почнав да работам како копирајтер во агенцијата „Футура 2/2“, имав објавено само една збирка раскази „Ги најдов во длабокото“ и дојдов со полна самодоверба дека сум супер копирајтер. Многу се излажав. Оваа работа е занает, мораш да учиш, да читаш и да се надоградуваш секој ден, да следиш што се случува во моментот дома и во светот, те поттикнува да бидеш игрив и отворен за поинакви перспективи, да избегнуваш плагијаторство и добро да го познаваш сензибилитетот на клиентот. Треба да знаеш како домаќински да располагаш со зборовите и со фразите, да размислуваш визуелно и сестрано, да импровизираш. Со оглед на тоа што станува збор за брза и динамична индустрија, се случува да биде многу напорно и стресно, ама од друга страна, крајните рокови ми ја развија дисциплината што е круцијална во процесот на пишување роман.

На насловната страница на „Леска Брезоска“ стои описот „реалност со примеси на оптимизам“. Дали тоа значи дека животот е неисцрпен извор на приказни?
– Сè може да биде извор на приказна, животот, смртта, минатото, иднината, соништата, домот или Вселената… Се одлучив токму за тој опис (во консултација со издавачот) зашто сметам дека книжевноста не треба да бега од оптимизмот, ниту, пак, од добрите и позитивните работи што се случуваат во животот. Писателите често полесно пишуваат за тага, бидејќи тагата е длабока и сложена, овозможува простор за истражување на човечките искуства и внатрешните состојби.
Среќата и радоста се, исто така, моќни емоции, но многу писатели ги сметаат за потешки за пренесување во литературата, бидејќи често недостасуваат драматични конфликти, што се клучни за создавање интересни приказни. Радоста може да биде длабока, но по својата природа не бара толку многу рефлексија како тагата, и, меѓу другото, токму таа тешкотија ми беше предизвик да напишам сложена и привлечна приказна со примеси на здрав оптимизам, кој, мора да признаеме, дека на сите ни е потребен.
(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 264, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19.01.2025)