Идејата беше книгата да не биде само каталог со фотографии, туку да има и текстови со џезерски „штимунг“ и така се најдовме со Александар Прокопиев

Разговор со фотографката Татјана Ранташа: Црно-белата фотографија дава чувство на безвременост

Првата книга со фотографии на Татјана Ранташа со наслов „Џезтетика“ ќе биде промовирана на пладневно матине на 5 март, во 13 часот, на платото пред Младинскиот културен центар во Скопје.

Фотографката Татјана Ранташа уште од мала постојано била со фотоапарат во раката, а по здружувањето со фотоклубот „Елема“ почнала и многу посериозно да му пристапува на фотографирањето. По 15-ина години фотографирање на различни музички и културни настани, неодамна ја објави својата прва книга со фотографии на македонски џез-музичари со наслов „Џезтетика“ и во издание на „АвантПрес“, а нејзината промоција ќе се случи на платото пред МКЦ, каде има фотографирано стотици настани.

Со насловот „Џезтетика“ се поврзани три изложби на фотографии, во Скопје, во Битола и во Белград, а сега и со книга со црно-бели фотографии. Дали, можеби, книгата е споменар на изложбите или на дел од твоето фотографско творештво?

– Сѐ почна со идејата на Ненад Георгиевски да се направи изложба со фотографии на македонски џез-музичари во рамките на фестивалот на музички документарни филмови „Скопје синема сити“. Идејата беше супер, но беше многу обемна. Сум фотографирала многу музички настани, фестивали, концерти и имам купишта фотографии и полни хард-дискови, но кога требаше да направам селекција само на македонски џез-музичари, сфатив дека немам доволно материјал.

Така го прифатив предизвикот да фотографирам џез-музичари за да може да се направи изложба, а во еден период правев наменски портретни фотографии за да има доволно за изложбата. Подоцна се појави идејата и за книга, бидејќи добивме поддршка од Министерството за култура. Книгата е производ на изложбите, но ми стана јасно дека кога имаш цел, гледаш и размислуваш поинаку, бидејќи кога одев на концертите и на настаните, точно знаев која фотографија ми треба за книгата.

Што поточно содржи книгата „Џезтетика“?

– Се обидов во книгата да ги ставам сите фотографии со џез-музичари што сум ги направила во последниве 15 години. Има и некои постари и некои понови фотографии. Мислам дека недостигаат фотографии од малку музичари. Жал ми е што меѓу фотографиите ги немам Александар Николовски, Гарабет Тавитјан и некои помлади музичари, но не можеш секогаш да ги планираш работите и ним не сум успеала да им направам убава фотографија. Минатото лето имаше многу убави музички настани и на нив направив многу од фотографиите што ги има во книгата.

 

Книгата „Џезтетика“ на Татјана Ранташа содржи портрети на 50-ина македонски џез-музичари проследени со текстови од Александар Прокопиев

Книгата има фотографско-есеистички ракопис. Како се случи спојот на зборот и фотографијата?

– Идејата беше книгата да не биде само каталог со фотографии, туку да има и текстови. Бидејќи не сакавме фотографиите да ги врзуваме со портретираните музичари, а сакавме да има џезерски „штимунг“, се најдовме со Александар Прокопиев. Неговиот текст многу ми се допадна, а и тој беше среќен што негови ракописи се дел од книгата. Неговите текстови како што се напишани од прва рака, така се скенирани и објавени во книгата. И мислам дека никој друг немаше да може подобро од него да ја изведе целата работа. Во книгата има и текстови на фотографите Боро Рудиќ и Жига Коритник, како и на новинарот Ненад Георгиевски. Книгата ќе ја промовира мојот пријател Милан Дамјановски, ќе настапат „ЗЏМ Колектив“, а Ален Хаџи-Стефанов ќе пушта музика на Џез ФМ.

Покрај црно-белите ракописи на Прокопиев, во книгата се употребени само црно-бели фотографии. Дали според тебе тоа е вистинската естетика за џез-музиката, за разлика од колор фотографиите?

– Црно-белата фотографија ми дава чувство на безвременост, со себе носи патина наталожена со времето. Црно-белата фотографија не може да ја замени колор фотографијата кога треба да се отслика атмосфера и да се покаже колку сѐ е шарено и убаво, но кога правиш фотографија што планираш да ја употребиш за изложба, тогаш црно-белата е незаменлива. Кога правев концепт за изложбите и за книгата, точно знаев дека нема да ги мешам фотографиите, туку изложбата/книгата или ќе бидат целосно црно-бели или целосно во колор.

Фотографија на Татјана Ранташа од книгата „Џезтетика“

Бидејќи тој принцип веќе ти е усвоен, дали по толку многу настани што ги имаш фотографирано, веќе имаш искристализирано и лична методологија за фотографирање?

– Секако, бидејќи дури и да не ја познаваш личноста на сцена, многу е важно како ќе ѝ пристапиш. Енергијата на фотографите се чувствува и на сцената, бидејќи најчесто сме многу блиску до изведувачите. Ако се поставиш како „црна дупка“ пред сцената, ќе им пречиш на изведувачите, но ако си среќен и весел додека фотографираш, тогаш изведувачите тебе ќе ти свират и пеат. Според начинот на кој се однесуваш кон тие што ги фотографираш, таква реакција ќе добиеш од нив. Има и такви што се „хард-кор“ и не сакаат да имаат никаков контакт со публиката, но ако им го најдеш вистинскиот агол и имаш позитивен пристап во фотографирањето, тогаш ќе добиеш ист таков „фидбек“ од нивна страна. Мое мото е ако ме викнат да фотографирам некој настан, а мене не ми се фотографира, тогаш подобро е воопшто да не одам, бидејќи знам дека тие фотографии нема да излезат убаво.

Како фотографка работиш веќе 15-16 години. Има ли некаков конкретен импулс што те внесе во фотографската професија? Ако добро се сеќавам, беше дел од екипата на фотоклубот „Елема“?

– Во суштина, јас сум дел од „Елема“ и сега, но не е тоа што ме навлече. Со „Елема“ почнав посериозно да се занимавам со фотографирање, но претходно мислам дека цел живот сум фотографирала. Татко ми многу фотографираше. Дома имаме полн шкаф со слајдови. Цело време сум била во допир со фотоапарати и секогаш сум имала некое мало апаратче. Фотографирав уште од основно училиште и чувам многу филмови и фотографии. Мислам дека секогаш сум била со апарат во раката.

Во оној период кога купив подобар апарат, почнав да ја фотографирам сцената. Мојот другар Љупа ме покани да одам во „Елема“. Кога се одржуваа Денови на македонска фотографија, пратив десет фотографии и ми примија осум. Тој момент ми даде силна самодоверба да продолжам со фотографирање. Тогаш сфатив дека тоа што го работам им се допаѓа на луѓето. Фантастична школа ми беше искуството со работата на интернет-порталот Плагиј.ат, а потоа многу спонтано се случија сите други ангажмани на настани на „Литиум рекордс“, „Пасворд продукција“, „Авалон“ и фестивали како МОТ, „Синедејс“, а последниве десетина години и како официјален фотограф на Скопскиот џез-фестивал и Оф-фест.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 119, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 5-6 март 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!