
Разговор со Филип Димевски, уредник на „Бегемот“: Би сакале културната меморија да ја зачуваме што подолго
Промоција на нови книжевни наслови, фотоизложба, концерт и проекција на документарен филм се на програмата на осмото издание на фестивалот „ArtArea/Артерија“, што во организација на „Бегемот“ ќе се одржи од 20 до 22 септември во кафе-книжарницата „Буква“.
Препорачано
Новите книжевни дела на македонските автори Владимир Мартиновски, Лидија Капушевска-Дракулевска, Николина Андова Шопова, Иван Шопов и Ѕвездан Георгиевски, како и книгата „Земја без самрак“ на гостинката Марија Андријашевиќ од Хрватска, ќе имаат своја промоција на осмото издание на фестивалот „ArtArea/Артерија“.
Околу деталите на програмата разговаравме со Филип Димевски, уредник на издавачката куќа „Бегемот“, која е организатор на фестивалот.
Го подготвувате осмото издание на фестивалот „ArtArea/Артерија“. Што ќе биде во фокус на фестивалот оваа година?
– Годинава на фестивалот „ArtArea/Артерија“ ќе имаме неколку промоции на книжевни дела од сосема различна жанровска определба, како и два музички настани, изложба на фотографии и краток документарен филм. Така, ќе имаме промоции на врвна книга од книжевно-теориската проза, илустрирана книга за деца, две збирки раскази, еден роман од младата хрватска книжевност и ќе одбележиме важен јубилеј со едно капитално дело од многу значаен автор од XX век.
Фестивалската програма ја следи издавачката линија на „Бегемот“. Кои книжевни вредности сакате да ги споделите преку „Бегемот“ со читателите?
– На „Бегемот“ секогаш фокусот му е насочен кон квалитетната, некомерцијална литература. Се трудиме да објавуваме квалитетни дела од домашната книжевна сцена, како и од меѓународната современа, класична и есеистичка книжевност. Особено внимание посветуваме и на изданија што ја документираат македонската урбана култура и општество, нешто што сметаме дека кај нас се занемарува. На тој начин сакаме да обрнеме внимание на она „убаво“ што се случува кај нас, а некако како да ни се промолкнува пред очи или бргу се заборава. Би сакале културната меморија да ја зачуваме што подолго.
Меѓу издадените книги често се сретнуваат автори од Полска. Кои се причините за таквата посветеност?
– Посветеноста на полската книжевноста, едноставно, се должи на мојата лична професија. Имено, јас сум дипломиран полонист и преведувач од полски јазик на македонски и активно работам на тоа поле. Годинава на „ArtArea/Артерија“ ќе одбележиме еден значаен јубилеј – 120-годишнина од раѓањето на Витолд Гомбрович, еден од најважните полски автори. Станува збор за уникатно „омнибус“ издание на Гомбрович, наречено „Маскарада“, кое го содржи неговото целокупно белетристичко творештво. Колку што ми е познато, ова издание е единствено на овој автор во светски рамки.

Посебно внимание посветувате на дизајнот, односно на графичките решенија за издадените книги. На кој начин се одвива креативниот процес на релација содржина на книгата и нејзино графичко обликување?
– Графиката и дизајнот најчесто се некаква „емоција“ на дадена тема. Јас како „прв“ читател на делото, дали е превод или од домашен автор, сеедно, имам привилегија да се обидам да му пренесам на дизајнерот некоја емоција или мотиви од делото што би сакал да бидат изразени во крајниот ефект на изданието. Така што, тоа е работа на релација помеѓу уредникот и дизајнерот, обид за пренесување на почувствуваните емоции од читањето на делото врз неговиот дизајн. Разбирањето помеѓу уредникот и графичарот е од клучна важност.
Колку фестивалот „ArtArea/Артерија“ е важен за „Бегемот“ и обратно, колку „Бегемот“ е основа за континуирано опстојување на фестивалот?
– Фестивалот е од долготрајно значење за нас, но исто така „ArtArea/Артерија“ ни овозможува да направиме еден вид пресек на книжевните случувања од нашата продукција во периодот меѓу два фестивала. На нашите читатели сакаме да им ги прикажеме најновите изданија на македонските автори преку разговор со нив, а исто така годинава ќе имаме гостување и на одлична млада авторка од Хрватска. Фестивалот ни дава увид во приемот кај публиката на книгите што сме ги објавиле во текот на годината, особено на македонските автори. Тоа е драгоцено за нас. Исто е и во обратната насока, тешко би можело да се одржува „ArtArea/Артерија“ без „Бегемот“. Тоа се поврзани крвни садови.

Како се случи да се занимавате со издавачка дејност, воопшто, и во какви услови функционира издавачката дејност кај нас?
– Пред 15 години со мојата долгогодишна партнерка решивме да правиме забава по повод нашето стапување во брак. Сите нѐ прашуваа што сакаме за подарок, а ние им одговаравме или ништо или пари кој колку може. Со парите од „свадбата“, решивме да отвориме своја издавачка куќа (по неколкугодишно работење кај други издавачи). И еве ја таа приказна и понатаму. Често се шегувам со пријателите дека сите што беа на свадбата се акционери во „Бегемот“.
Што се однесува на вториот дел од прашањево, жал ми е што ќе речам, но – не функционира. Односно, функционира по некоја своја инерција, со индивидуални напори. Главно издавачите функционираат солидно на некое микрониво, но она што досега со години го укажуваме како државна стратегија, никако да се реализира. Ние веројатно сме единствената земја во која нема никаква стратегија за развој и функционирање на издаваштвото, никаков државен план, што да се поддржи, како да се реализира, кои се очекувањата и сл., она што би го работела специјализирана институција за развој на читателството и македонското творештво – Центар за книга или сл. Без тоа само ќе функционираме по инерција, односно без никаква предвидлива одржливост, од ден за ден. Жал ми е што ниедна власт досега не смогна сили да формира едно вакво тело од суштинско значење, како за македонската книжевна сцена, така и за нејзината промоција во странство. Да се надеваме дека и на тоа ќе му дојде редот во догледна иднина.
(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 247, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 14-15.09.2024)