Разговор со Десанка Николова, поетеса: Денес има многу автори, но малку поети и писатели

Десанка Николова / Фото: Приватна архива

Пред Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“, македонствуваме со поетесата м-р Десанка Николова, вработена во Сектор за книга во Министерството за култура.

Што очекувате од меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“ на кој ќе учествувате? Ни недостигаат ли повеќе поетски фестивали?

– Mеѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“ за мене е еден од најпрестижните поетски фестивали во Македонија, рамо до рамо со Рацинови средби, Струшки вечери на поезијата и уште неколку други. Очекувам незаборавно искрење, моќни лирски креации родени од поетските пера што ќе ја збогатат македонската поетска ризница и ќе остават трајни вредности во македонската поезија. Во богатството од стихови со различни поетски преокупации, очекувам да бидат пратени пораки што ќе допрат до читателите. Во однос на тоа дали ни недостигаат повеќе поетски фестивали, мојот став е дека ни недостигаат повеќе квалитетни поетски фестивали. Поетски и воопшто книжевни манифестации имаме доволно, но недостига квалитет. Само преку Министерството за култура на Годишните конкурси се финансираат околу 45 книжевни манифестации, но не секогаш квалитетот доаѓа до израз. Ќе напоменам дека и многу локални литературни клубови прават обиди за поетски манифестации и добро е што постојат такви иницијативи за негување на убавиот пишан збор и чување и негување на македонскиот јазик. Но, дефинитивно ни недостигаат квалитетни поетски фестивали.

Мене како велешанка, слабост ми се Рацинови средби и сè што е поврзано со името на Рацин. За жал, и оваа и минатата година, се потценети од министерката во заминување и беше нанесена голема неправда на Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес. За сметка на тоа се форсираа поетски фестивали што немаат тенденција за долгорочна одржливост. Се надевам дека во иднина тоа ќе се промени и ќе имаме повеќе квалитетни поетски фестивали како „Литературни искри“, „Рацинови средби“, „Струшки вечери“, „Поетска ноќ во Велестово“, „Караманови средби“ и др.

„Македонствување“ со две стихозбирки се Ваша осма и деветта стихозбирка, која претставува „поетски манифест за да се слушне и да биде пренесена пораката што е вткаена во стиховите“. Која е пораката и до кого засега успеа да стигне?

– Македонствување е воскреснување и чување на сѐ наше македонско, македонскиот јазик, македонската култура и традиција, македонскиот идентитет, македонските духовни вредности. Песните во „Македонствување “ се македонштина исткаена во стихови. Секој стих е борба за Македонија. Се радувам што стиховите си го пронајдоа својот пат и допреа до многумина. Стиховите од „Македонствување“ се рецитираат во училиштата, на разни манифестации, но она што посебно ме радува е тоа што оваа љубов кон Македонија со истиот жар ги прегрнува и Македонците во дијаспората. „Македонствување“ стигна до нашите во Швајцарија, Германија, Австралија, Америка и во Хрватска.

Десанка Николова / Фото: Приватна архива

Како поетот денес го чува македонскиот јазик? Со какви предизвици се соочува?

– Ние поетите сме најдостојните чувари на македонскиот јазик. Го чуваме и го браниме со најмоќното оружје – зборот, убавиот македонски збор. Јас македонствувам и на тој начин го давам својот придонес. Жал ми е што ќе констатирам што многумина од поетите, сакајќи да ги следат постмодернистичките текови подлегнуваат на влијанија што за мене секогаш ќе бидат туѓи. Добро е да има евалуација на стихот, на мислата, на формата, но не во насока на уништување на јазикот. Поезијата е кршење правила, но не правописни, не со употреба на интернационализми. Нашиот македонски јазик е раскошен и убав и изборот секогаш треба да биде од македонскиот корпус. И секогаш, пред да се објави поетска творба, да се консултира лектор. Самиот факт дека поезијата е предизвик, носи и многу предизвици. Денес има многу автори, но малку поети и писатели.

Какви иницијативи се очекува да произлезат од имплементација на новиот Закон за македонски јазик?

– Иницијативата е веќе произлезена со донесувањето на новиот Закон за македонски јазик. Очекувам да се почитуваат одредбите од Законот во насока на заштитата, унапредувањето и збогатувањето на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо. Очекувам правилна употреба на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо во процесот на воспитанието и во сите степени на образованието. Правилна употреба и правилен изговор на македонскиот стандарден јазик во средствата за масовна комуникација, особено преку медиумите регистрирани во Републиката, во согласност со Законот. Зголемена општествена и индивидуална грижа за правилната употреба на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо во јавната и во службената комуникација. Избегнување странски изрази и заемки и нивно заменување со соодветни поими од македонската лексика и фразеологија. Правилна употреба на македонскиот стандарден јазик во законодавната, во судската и во извршната власт, како и во правните лица основани со Устав и со закон во меѓусебната комуникација. Укажување и отстранување на јазичните недоследности и неправилности во употребата на македонскиот јазик. Континуирани обуки за правилна употреба на македонскиот јазик за вработените во: културните, воспитните, образовните, научните и стручните установи и институции, државната и јавната администрација, судовите и во медиумите и др. Очекувам дека ќе се почитува и применува членот 7 од Законот за македонски јазик и дека ќе се лекторира сè што предвидува тој. Само на овој начин може да зборуваме дека се грижиме за македонскиот јазик.

Десанка Николова / Фото: Приватна архива

Што очекувате од новиот министер за култура?

– Од новиот министер за култура, не само јас туку и сите вработени во Министерство за култура, очекуваме конечно да биде решено прашањето за кое досегашните министри не покажаа разбирање, потпишување Колективен договор во првите сто дена од назначувањето. Само со мотивирани вработени што работат во организација каде што постои позитивна организациска клима и култура, која, за жал, не постои, може да се очекуваат резултати и да се спроведуваат реформи. По потпишување на Колективниот договор, очекувам реформи во насока на подобрување и стабилизација на културните политики. Искрено верувам дека концептот што беше предизборна програма, ќе биде владина програма, во таа насока и делот за култура, Програма на Министерство за култура. Потребни се темелни реформи и во самото министерство, но и во сè што значи култура за да може културата да го добие вистинското значење

Што следно да очекуваме од Вашата поетска работилница?

– Новото издание од „Македонствување“ ќе излезе многу скоро. Романот за деца и млади „Белег за препознавање“ и сликовницата „Лина балерина“ го чекаат светлото на денот. Можеби и уште нешто друго. Не се знае. Инспирација имам. Творам.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот