
Разговор со Дени Омерагиќ од групата „Светлост“ за нивниот нов проект: Апсолутен панк-џез!
Скопскиот колектив „Светлост“ здружува сили со две големи меѓународни имиња на современиот џез, Кен Вандермарк и Паал Нилсен Лав, со кои на 16 април ќе одржат концерт во МКЦ, а потоа ќе следува и снимање заеднички албум.
Препорачано
Препознатливи по својот спонтан пристап, разноликата жанровска естетика и бестрашниот однос кон звукот, „Светлост“ успешно синтетизираат џез, ноиз и амбиентални елементи. Во составот на „Светлост“ музицираат Дени Омерагиќ (бас, гитара, електроника), Нинослав Спировски (кларинет, тенор саксофон) и Кристијан Новковски (тапани). Во заеднички проект на „Светлост“ ќе им се придружат Кен Вандермарк (кларинет, тенор саксофон) и Паал Нилсен Лав (тапани).
Детали за концертот и за обликувањето на целиот проект дознаваме од Дени Омерагиќ, басист во групата „Светлост“.
Групата „Светлост“ влегува во нова соработка со двајца врвни музичари. Како се отвори можноста за работа со Кен Вандермарк и Паал Нилсен Лав?
– Разговорот со Кен започна во летото 2024 година, по издавањето на нашиот последен албум. Го слушна албумот, му се допадна и почнавме да договараме соработка. За почеток на дијалогот посредуваше нашиот заеднички пријател Џан Инандим (турски промотер често присутен во Скопје), кој има огромен удел во тоа соработката да се случи. Со Паал се договоривме побрзо – свиревме во Софија на крајот на јануари (јас со Нино, Паал со Акира Саката), се дружевме до доцна во ноќта и заеднички решивме дека тој ќе биде совршен додаток на веќе зацртаната идеја. Проверивме календари, купивме авионски билет и се договоривме да се најдеме во Скопје во април.

Што ќе биде краен резултат на соработката?
– Целта на оваа прва етапа од соработката е да снимиме албум. Работиме на нова оригинална музика – пет композиции на Кен и уште неколку од „Светлост“. Се собира доволно материјал и за повеќе од едно издание. Покрај скопскиот концерт ќе настапиме и три други (Софија, Пула, Љубљана). Во втората етапа наесен планираме издавање и промоција на албумот и поголема европска турнеја.

Кои соработници ќе бидат вклучени во реализацијата на албумот и на концертот?
– Покрај петорката што ќе настапи на сцена, главен соработник е Владан Дробицки, кој ќе го снима и креативно ќе го дообликува албумот, потоа Павел Дробицки, кој ќе биде тон-мајстор на скопскиот концерт, Џан Инандим како извршен продуцент на албумот и концертот, како и екипата од Скопскиот џез-фестивал на чело со Оливер Белопета, кои го преземаа најголемиот товар во поглед на реализацијата на скопскиот концерт. Албумот ќе биде продуциран во студиото на „ПМГ Џез“, а издаден како соработка на четири издавачки куќи кои дополнително ќе ги објавиме (две македонски, една европска, една од САД).

Како група, „Светлост“ се познати по својот храбар и слободен израз во кој се мешаат повеќе жанрови и има доза на импровизација. Каков креативен пристап ќе имате на албумот и на концертот?
– Како што споменав и претходно – работиме на нови композиции, каде што сензибилитетот на поединечните автори ќе биде изразен. Она што нѐ поврзува како музичари е авантуристичкиот дух – така што импровизацијата ќе биде на еднакво ниво со пишаниот текст. Раните знаци се дека ќе биде исклучително динамична и возбудлива музика. Апсолутен панк-џез!
(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 276, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 12-13.4.2025)