Фото: Приватна архива

Разговор со Ана Анич, креаторка на „Creative Box“: Гипсените фигури за боење ја будат креативноста кај најмладите

Празничните денови се особено убави кога ги поминуваме во кругот на семејството. Трпеза полна со вкусна храна, целото семејство собрано во домот, многу дружење и незаборавни моменти поминати со најсаканите.

Ана Анич е креативка и креаторка на инстаграм-профилот „Creative Box“ – кутија полна со гипсени фигури за ликовно изразување, која ја буди имагинацијата кај најмладите, а воедно претставува совршена игра со која повозрасните се забавуваат и релаксираат.

Фото: Приватна архива

Празничните денови и улогата на мајка Ве инспирираа да рекреирате производ во кој денес може да уживаат многу деца независно од возраста. За каков вид производ станува збор?

– Овој период од годината е посебно убав и магичен за мене и за моето семејство. Уживањето во празничните денови и љубовта кон мојата ќерка се главната инспирација во создавањето на „Creative Box“– креативна кутија со гипсени фигури.

Фото: Приватна архива

Живееме навистина брзо и секој слободен момент се обидуваме да го посветиме на семејството. Сакав да создадам нешто со кое ќе можеме да поминуваме повеќе време заедно во игра и релаксација.

Гипсените фигури се дел од ликовното изразување многу долго, но изборот на форми и големини сакав да го доближам до најмладите.

Како се роди идејата за да го создадете „Creative Box“?

– Почувствував потреба дека треба да креирам нешто во кое моето дете ќе ја изрази својата креативност, а притоа јас и мојот сопруг ќе можеме да се вклучиме во играта.

Фото: Приватна архива

Оваа година почувствував потреба комерцијалните играчки и божиќните пакетчињата полни со слатки да ги заменам со подарок што ќе го украде вниманието на најмладите.

Така се родија празничните гипсените фигури и оваа креативна кутија. Со првите создадени фигури забележав дека мојата ќерка долго време уживаше додека ги боеше и украсуваше. Времето поминуваше, а во играта се приклучија и мојот сопруг и мојата мајка. Целото семејство уживаше во оваа игра.

Фото: Приватна архива

Гипсените фигури за боење ја будат креативноста кај најмладите, а притоа се одлична релаксација за повозрасните

Кои се правилата на играта или на креативното изразување?

– Убавината е што нема правила. Белата боја и тродимензионалноста на фигурите остава простор кај најмладите да ја изразат својата креативност.
За боењето на фигурите се користат темперни или водени бои. Самата форма и слобода во ликовното изразување прилично долго го задржува вниманието кај децата.

Фото: Приватна архива

Кога играта ќе заврши и фигурите убаво ќе се исушат, добивате прекрасен украс што ќе го разубави домот, детската соба или празничната трпеза во комбинација со неколку зимзелени гранчиња или украсни свеќи. Од една убава и едукативна игра добивате и украс создаден од рацете на вашето дете.

Изборот на фигури е голем. Кој повеќе ужива – најмладите или повозрасните?

– Со креирањето на оваа магична кутија, се обидов да ги исполнам желбите на најмалите, но и на повозрасните. По напорниот работен ден и семејниот ручек понекогаш знаеме да посветиме повеќе време во средување на домот, гледање во телевизорот и мобилните телефони, но тоа дополнително нѐ изморува и нѐ прави нервозни и нетрпеливи.

Фото: Приватна архива

Боењето на гипсените фигури покрај тоа што е едукативно за најмладите, делува и како јога на умот по напорниот работен ден. Само половина час во денот поминат во боење гипсени фигури со вашето дете или внуче делува многу релаксирачки.

Фото: Приватна архива

Играта со празничните фигури продолжува преку целата година. Покрај актуелните празнични форми за моето семејство и сите дечиња веќе креирам форми кои се омилени на најмладите. Животни, колички, цветови, како и омилените јунаци од анимираните филмови.

Фото: Приватна архива

Покрај тоа што се забавни и едукативни, се причина плус да ги оттргнете најмладите од постојаното гледање цртани филмови или играњето игри на мобилните телефони.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот