
Раул Гонзалес е нов селектор на српската ракометна репрезентација
Генералниот секретар на Ракометната федерација на Србија, Иван Миливојевиќ, за ТВ Арена спорт потврди дека кормилото на националниот тим ќе го преземе шпанскиот стручњак Раул Гонзалес (54).
Препорачано
Како што изјави Миливојевиќ, РСС потпишал договор со актуелниот селектор на Пари Сен Жермен по поразот од Италија (30:31) во квалификациите за ЕП, а тој ќе застане на чело на репрезентацијата по завршувањето на договорот и обврските со францускиот клуб кон средината на следната година.
– Договорот со Раул Гонзалес е потпишан по одигрувањето на натпреварот против Италија. Според одредбата во истиот, вистинскиот договор стапува на сила на 01.07.2025 година, односно од моментот кога господинот Раул Гонзалес повеќе нема да има договорни обврски со Пари Сен Жермен. Вакуумот што го имаме од овој момент, до моментот кога Раул ќе ја преземе репрезентацијата, ќе го искористиме за да ја решиме моменталната ситуација со Борис Ројевиќ и да најдеме привремено решение за преостанатите квалификациски натпревари за Европското првенство. Пред Раул има јасна цел – Олимписките игри во 2028 година – изјави Миливојевиќ за ТВ Арена спорт.
Раул Гонзалес, легендарниот ракометар ја освои Лигата на шампионите на клупата на Вардар во 2017 година.
Во текот на својата тренерска кариера собра дури 24 трофеи, а последните седум сезони со голем успех го водеше тимот на ПСЖ. Со шпанската селекција како играч освои бронзен медал на Олимписките игри во Атланта.