
Расцепканите 1.246 парцели се окрупнија на 454 во Чифлик
Чифлик стана шесто село во Македонија каде што се спроведува консолидација на земјиштето, велат од ФАО. Зафаќајќи 156 хектари, напорите за консолидација на земјиштето директно ќе им донесат придобивки на 395 земјоделци
Чифлик стана шесто село во Македонија каде што се спроведува консолидација на земјиштето, откако минатата недела, сопствениците на земјиште со квалификувано мнозинство го усвоија Планот за распределба на земјиштето, соопштија од Организацијата за храна и земјоделство при ОН (ФАО) за „Слободен печат“. Консолидационото подрачје Чифлик се наоѓа во општина Чешиново-Облешево, во Источниот регион.
Препорачано
-Зафаќајќи 156 хектари, напорите за консолидација на земјиштето директно ќе им донесат придобивки на 395 земјоделци. Планот за распределба на земјиштето, трикратно го намалува бројот на земјишни парцели – од 1.246 на само 454, при што просечната големина на парцелите се зголемува од 0,13 на 0,34 хектари. Ова ќе овозможи создавање на поголеми и поефикасни парцели, кои ќе ги рационализираат земјоделските практики и ќе ја подобрат продуктивноста на долг рок – објаснуваат од ФАО. Оваа иницијатива е дел од проектот финансиран од Европската унија „Унапредување на консолидацијата на земјиштето во Северна Македонија“, ко-финансиран и спроведуван од Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО), во партнерство со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Следната фаза ќе се фокусира на регистрирање на новоформираните парцели во Катастарот на недвижности. Истовремено, се подготвува значителна инвестиција во земјоделската инфраструктура во Чифлик, финансирана од ЕУ. Планираните подобрувања вклучуваат унапредување на пристапните патишта и изградба на нови, заедно со развој на неопходните системи за наводнување и одводнување.
-Овие инфраструктурни подобрувања имаат за цел да ја зголемат пристапноста до земјоделските површини и да обезбедат ефикасно управување со водите, поддржувајќи одржлив раст и повисоки приноси за локалните земјоделци. Изградбата на инфраструктурата се очекува да започне следната година, што ќе го означи следниот чекор во трансформација на земјоделската средина во Чифлик и ќе даде поттик за руралниот развој во Македонија – велат од ФАО.
Националната програма за консолидација на земјиштето е планирана преку целосна имплементација на два проекти за консолидација вклучително и изградба на земјоделска инфраструктура. Буџетот на проектот е 1,2 милиони евра, финансиран од ЕУ ИПА II 2019 (1 милион евра) и придонес на ФАО (0,2 милиони евра).
Проектот ќе се реализира во период од 42 месеци, почнувајќи од август 2022 година до јануари 2026 година.