
„Рани јадови“ на Данило Киш, конечно, на македонски јазик
Како настан што беше дел од дополнителната програма на Интернационалниот литературен фестивал „Про-За Балкан“, во кафе-книжарницата „Буква“ беше промовирано македонското издание на „Рани јадови“ на Данило Киш, во издание на „Прозарт медиа“ од Скопје.
Препорачано
Преводот на делото е на Дејан Трајкоски, додека за творештвото на еден од најголемите писатели во втората половина на 20 век, Данило Киш, зборуваа српскиот писател и издавач, Гојко Божовиќ, македонскиот писател Александар Прокопиев и театарскиот режисер Срѓан Јаниќијевиќ.
Во издание на „Архипелаг“, издавачката куќа на Божовиќ, наскоро ќе излезе книгата „Кишовите преписки“. „Киш многу пишувал писма, но во тоа време не чувал копии. Книгата ќе биде еден вид биографија за Киш, а се собрани писма и преписки од цел свет, од негови пријатели, соработници, писатели. Интересно е како сѐ се лоцирани тие писма. Некои од тие писма се многу драгоцени. Има преписки со Бродски, со Сузан Зонтаг, со Милан Кундера, а ова е најмалку познат дел од неговото творештво“, открива Божовиќ.
Во однос на „Рани јадови“ Божовиќ истакна дека тоа е најчитаната книга на Киш „затоа што е многу прецизен опис на растењето на едно дете и како тоа го осознава светот во кој живее и може да го препознае подобро отколку што тоа го прават возрасните. Ретко која книга во светската книжевност може да се пофали со таква снага за носталгична евокација и да се спореди со оваа кратка, а голема книга“.
Писателот Александар Прокопиев нагласи дека радува фактот што и поновите генерации го сакаат Киш, додека режисерот Срѓан Јаниќијевиќ, кој создаде перформанс според „Енциклопедија на мртвите“ од Киш го сподели сопственото воодушевување од овој автор.
– „Енциклопедија на мртвите“ ми значи многу и кога требаше да почнам да ја работам, сакав да сменам нешто кај себе. Киш има одважност, храброст да го плесне во фаца тоа што треба, иако завиено, но кај него секогаш има висока етичност и потреба за слобода. Нешто што денес многу ретко се случува – рече режисерот.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 98, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26 септември 2021)