Рамноправноста се кине на најтенкото: Жените за иста работа земаат помали плати од мажите

Фото: ЕРА EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Според истражувањето на Институтот за економски развој и политики „Фајненс тинк“, платата на една просечна жена е пониска за 12,5 проценти во однос на платата на просечен маж

Многу истражувања укажуваат на тоа дека женскиот труд се вреднува помалку од машкиот. За тоа се зборува со години, но перцепцијата е дека состојбата и понатаму останува непроменета.

Според истражувањето на Институтот за економски развој и политики „Фајненс тинк“, платата на една просечна жена е пониска за 12,5 проценти во однос на платата на просечен маж. За оние со најлоши вештини – оние со основно образование – јазот е 28,4 проценти. И стопанствениците се свесни дека на пазарот на труд има вакви разлики. Сепак, ако индивидуално ги прашате дали тоа се случува во нивната компанија, тие негираат.

– Главната препорака од ова истражување е дека носителите на трудовите социјални политики – Министерството за труд и социјална политика – при дизајнот на активациските политики на пазарот на труд треба да воспостави посебен модул за стимулирање на активирањето на жените, што ќе придонесе за намалување на родовиот јаз во платите. Сепак, дури и по стимулирањето активирање на жените во Македонија за учество на пазарот на труд (активно барање работа), остатокот од родовиот јаз во платите може да се адресира главно преку активни кампањи за зголемување на свесноста за еднакви плаќања на жените како и мажите, за работни места што имаат иста вредност – велат од „Фајненс тинк“, во своето истражување.

Претседателот на Бизнис конфедерацијата Миле Бошков вели дека разликите во вреднувањето на машкиот и на женскиот труд е резултат на свеста на работодавачите, додека почетната точка, односно регулативата не остава простор за ваква дискриминација.

– Законите кај нас не дискриминираат. Насоките за исплата на плата, за опис на работни места, не дискриминираат. Но, во зависност од свеста на газдите, на менаџерскиот тим, зависи исплатата на платите. Перцепцијата дека има пониски плати е точна. Сметам дека има блага дискриминација во полза на мажите. Најдобриот показател би се добил исклучиво од Управата за јавни приходи – вели Бошков.

Тој вели дека треба уште повеќе истражувања на ова тема.

– Таков ни е менталитетот, иако сите зборуваме за родова еднаквост – поентира Бошков.

Претседателката на Националната платформа за женско претприемништво Валентина Дисоска вели дека платите „можеби се исти, но не и исплатата“.

– Жените одат на породилно, се грижат за старите родители… Така одработените саати се помалку. Оттаму потоа излегува и помала пензија, тоа е врзан систем – вели Дисоска.

Според Студијата за пристојна работа на жените што беше издадена минатата година од страна на Фондација за менаџмент и индустриско истражување, проблем не се само пониските плати, туку и значајно помалата вработеност на жените во однос на мажите.

„И покрај трендот на намалување на стапката на невработеност, сè уште е евидентна нерамнотежата на пазарот на трудот и постоењето на трајни родови јазови во стапките на активност и вработеност. Стапката на активност (од 15 до 64 години) во 2022 година изнесува 66,4 отсто, со родов јаз во активноста од 24,1 процентни поени (78,4 отсто за мажите наспроти 54,3 отсто за жените), односно речиси половина од жените на работоспособна возраст се надвор од работната сила. Повеќе од половината (59 отсто) од жените се надвор од работната сила поради одговорностите поврзани со грижата за децата, возрасните за кои е потребна грижа или други семејни одговорности, во споредба со само 2 отсто од мажите“, пишува во Студијата.

Според статистички податоци, жените во Македонија извршуваат 72 отсто од неплатената домашна работа и работа за грижа за други. Иако стапките на вработеност бележат пораст и кај мажите и кај жените, родовиот јаз изнесува 18,4 процентни поени и е речиси двојно поголем од оној во Европската Унија, пишува во Студијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот