
Рама ја именува првата виртуелна министерка на светот, генерирана од вештачка интелигенција
Албанија стана првата земја во светот што има виртуелна министерка направена од пиксели и код управуван од вештачка интелигенција, пренесува Н1.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Премиерот Еди Рама во четврток објави дека „министерката“ по име Диела, што би можело да се преведе како „Сончица“, ќе биде задолжена за сите јавни набавки во земјата.
Во текот на летото, Рама велеше дека Албанија еден ден би можела да има дигитален министер, па дури и премиер базиран на вештачка интелигенција, но малкумина веруваа дека тоа ќе се случи толку брзо.
На собранието на Социјалистичката партија во Тирана, каде што премиерот најави промени во својот кабинет, тој ја претстави и Диела – единствената нечовечки член на владата.
„Диела е првиот член на владата кој не е физички присутен, туку виртуелно создаден преку вештачка интелигенција“, им рече Рама на колегите од партијата.
Тој објасни дека одлуките за тендерите ќе бидат земени од ресорните министерства и префрлени на Диела, кого ја нарече „слуга на јавните набавки“. Процесот, нагласи тој, ќе биде постепен, но целта е Албанија да стане земја каде што јавните тендери се „100 проценти без корупција“ и „целосно транспарентни“.
„Ова не е научна фантастика, туку задача за Диела“, нагласи премиерот.
Виртуелната министерка е веќе позната на албанските граѓани преку платформата е-Албанија, преку која повеќето административни услуги се извршуваат дигитално. Диела има и свој аватар, прикажана како млада жена во традиционална албанска носија.
Според најавата на Рама, Диела ќе оценува тендери, ќе има овластување да ангажира експерти од целиот свет и ќе го разбие „стравот од предрасуди и ригидност на администрацијата“.
Корупцијата, особено во јавната администрација и секторот за јавни набавки, долго време е еден од најголемите предизвици на Албанија. Европската унија редовно го истакнува проблемот со нерегуларностите и недостатокот на транспарентност во овој сегмент во своите годишни извештаи за владеењето на правото, според Политико.
Еди Рама освои историски четврти мандат во мај 2025 година, ветувајќи дека Албанија ќе стане членка на Европската Унија до 2030 година.