Рајна Алексова, прва жена фармацевт во Македонија, нејзиниот живот содржи сè, историја, романтика, идеализам, жртва и трагедија

Проектот на Музејот на македонската борба насловен „Неколку нијанси женски приказни“ ги величи и ги осликува жените и нивните успеси во Македонија од почетокот на 20 век, па сè до денес. Ова е успешната приказна на првата жена фармацевт во Македонија и на Балканот, Рајна Алексова.

Животото не е лесен за било кој од нас. Но што со тоа? Мора да имаме трпение и самодоверба. Мора да веруваме дека сме надарени за нешто и и дека треба да ја оствариме таа дарба, рекла Марија Кири.

Животот на Рајна Алексова содржи сè, историја, романтика, идеализам, жртва и трагедија. Родена во Битола, во предвечерието на распадот на Отоманската империја, младата Рајна,  пред повеќе од сто години, тргнала во остварување на  „неженската“ амбиција по образование, по наука, кои сè уште традиционално се сфатени како машко поле.

Куќата каде што живеела во Битола

Преживеала власт на Отоманската империја, бурните години на Младотурската револуција, Балканските војни,  Првата и Втората светска војна, искусила и неправда во социјалистичка Македонија, а починала од насилна смрт во својот дом.

Многумина не ја познаваат нејзината биографија, да потсетиме дека Р. А. Е е родена во 1882 година, во Битола. По завршувањето на француската гимназија во Солун, таа помогната од својот постар брат Ристо Алексов, кој бил трговец и сопственик на првата аптека во Битола, заминала со воз за Швајцарија каде во 1902 година се запишала на Фармацевскиот факултет во Лозана. Дипломирала четири години потоа, во 1906 година, и станала првата Македонка дипломирана фармацевтка, воедно и прва жена фармацевтка на Балканот. Со љубовта кон учењето Рајна ги уривала бариерите и стереотипите во Османлиското царство.

Фото Фејсбук

Веднаш по дипломирањето Рајна Алексова сакала да отвори сопствена аптека. Меѓутоа, таа се судрила со тогашните турски закони кои не дозволувале жените да обавуваат аптекарска професија. Но таа не се помирила со тоа и испратила барање до властите во Цариград и молба „за добро на народот во Битола“, да ѝ се овозможи да отвори сопствена аптека. Во меѓувреме работела како милосрдна сестра во Ќустендил. Во јуни 1907 година таа била испратена во бугарската болница „Евлоги Георгиев“ во Цариград.

Рајна по извесно време ја напуштила болницата и од февруари 1908 година работела како учителка по хемија во женската гимназија во Едирне. Со промените по Младотурската револуција, Рајна Алексова добила дозвола да работи како аптекарка.

Балканските војни и Првата светска војна оставиле вистински хаос во Битола кој се наоѓал на линија на Македонскиот фронт. По Првата светска војна, во 1919 година, била испратена комисија од тогашното Министерство за народно здравје на Кралството на СХС за да ги провери условите за работа во сите аптеки. Најпрво ја посетила аптеката на Рајна Алексова, која била најпопуларна во градот. И покрај тоа што најдобро работела во Битола, аптеката на Македонката Рајна Алексова била парично казнета со 30 динари, заради неисполнети стандарди. Морала да достави и заверена копија од дипломата и конечно аптеката ја продолжила својата работа. По војната, аптеката била национализирана и станала државна аптека.

Рајна Алексова водела работни аптекарски дневници. Нејзините дневници со рецепти се од француско потекло, уредно заверени на првата страница и пишувани на француски јазик. Денес тие се чуваат во Историскиот архив во Битола, како „Фонд на аптеката на Рајна Алексова“. Инаку, во нејзината аптека ординирале и препишувале лекови познатите лекари Александар Дума, Илија Аждари и Анастас Христиди.

Рајна Алексова починала од насилна смрт во 1959 година во Битола, во својот дом, била убиена од страна на потстанарите.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот