Румен Радев, претседател на Бугарија/Фото: STR/NurPhoto / Shutterstock Editorial / Profimedia

Радев до европските лидери: Загрижувачки е што Европскиот парламент се изјаснува за „идентитет“ и „јазик“

Во писмото до европските институции и лидери тврди дека властите во Макеоднија немаат намера да ги спроведуваат договорените европски обврски и се пожали дека во земјава се врши судски прогон врз граѓани кои отворено се самоопределуваат како Бугари, наведувајќи го случајот со Љупчо Георгиевски, претседател на укинатото здружение Културен центар „Иван Михајлов“.

Правата на Бугарите во Република Северна Македонија (РСМ) не можат да бидат предмет на политички пазарења и Бугарија нема да прифати промена на тешко постигнатиот европски компромис, уверува бугарскиот претседател Румен Радев во писмото до европските лидери што им го испратил синоќа по седницата на Комитетот за надворешни работи во Европскиот парламент на која се гласаше за Извештајот за напредокот на Македонија.

Радев во писмото го критикува Европскиот парламент, наведувајќи дека „загрижувачки е фактот што една респектирана институција како Европскиот парламент се изјаснува по категории од морален или специфично научен карактер, како ‘идентитет‘ и ‘јазик‘, без правна основа и соодветни надлежности“.

Според него, „ваквите референци на ‘јазик и идентитет‘ без конкретни дефиниции креираат ризик од слободни толкувања, какви што веќе прават нашите југозападни соседи со нивните тврдења за вековниот македонски идентитет“.

„Го поздравувам решението на Европскиот парламент да ги отфрли тврдењата за ‘вековниот македонски идентитет’ и да не дозволи нови обиди за промовирање на етноцентричниот националистички наратив на властите во Скопје. Таквиот пристап создава конфронтација и со другите етнички заедници во РСМ и со двата милиони бугарски граѓани (кои се и граѓани на ЕУ) со етничко потекло од територијата на денешна Северна Македонија“, се наведува понатаму во писмото.

Во него, Радев посочува дека „во рамките на денешното гласање било предложено усно да се додаде појаснување ‘модерен’ (во смисла на современ) пред македонскиот идентитет и јазик, што за жал не било дозволено за гласање поради внимателно подготвени процедурални потези.“

Наведувајќи дека од самиот почеток, случајот со овој извештај предизвикал бран на незадоволство и критики во Бугарија против начинот и пристапот во неговата подготовка, бугарскиот претседател како „вознемирувачки“ ги оценува околностите околу подготовката на извештајот, откако станало јасно дека неговиот текст протекол во Македонија, а премиерот „јавно се пофалил дека Скопје соработувало со европратеници со месеци и влијаело на некои од тезите во него“.

„Недоразбирање предизвикаа и бројните нерегулирани средби на известувачот Вајц со политичари и експерти од РСМ (објавени дури по поднесување на јавна пријава за неправилности во текот на подготовката на извештајот). Овие откритија отвораат сериозни прашања за интегритетот и транспарентноста во работата на одредени европратеници и административни службеници“, посочува бугарскиот претседател.

Тој во писмото не ја пропушти можноста да се пожали дека „антибугарската кампања во РСМ продолжува со несмален интензитет“.

„Недозволиво е земја кандидат за членство во ЕУ, која гласно тврди дека одамна ги исполнила сите критериуми, да врши судски прогон врз своите граѓани кои отворено се самоопределуваат како Бугари. Нашата земја одамна ги информираше европските институции за притисоците и дискриминацијата на кои се изложени Бугарите во РСМ“, се наведува во писмото, при што се посочува случајот со Љупчо Георгиевски, претседател на укинатото здружение Културен центар „Иван Михајлов“ – Битола.

Радев истакнува дека тој бил осуден по „апсурдното обвинение за ширење омраза, ксенофобија и дискриминација“.

Еден од амандманите што Бугарија ги предложи на извештајот на Вајц беше токму за случајот „Георгиевски“, но според Радев, за жал и тој останал незабележан од европратениците.

„Бугарија останува посветена на сите елементи од европскиот консензус од 2022 година, чие спроведување е единствената можност за европска интеграција на нашата југозападна сосетка. Досегашните обиди да се мотивираат властите во Скопје преку отстапки од тој консензус не водат кон посакуваните резултати. Напротив, властите во Скопје сè поотворено покажуваат дека немаат намера да се придржуваат до тој тешко постигнат компромис, прифатен и од РСМ, што значи дека всушност немаат намера да ја реализираат европската интеграција на земјата“, се вели во писмото од Радев до европските институции и лидери.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот