
Работниците пред дилема – скара или првомајски протест? Синдикатите нудат превоз, трговците поевтини колбаси
Ако ни е поважно шетањето по грчките плажи и скарата токму на тој ден, тогаш немаме право да се жалиме што имаме најниски плати во регионот, вели Кристина Ампева од „Гласен текстилец“. Трговците и пред овој 1 Мај, излегоа со масовни поевтинувања на колбасите, ќебапите и плескавиците
Повеќе од потребно е работниците да дојдат што помасовно на првомајскиот протест, бидејќи ние активистите и синдикалците, сами не можеме да сториме многу без нивната поддршка, односно нивното лично присуство, порачува Кристина Ампева, претседателка на „Гласен текстилец“. И таа се придружи на повикот на ССМ за што поголема масовност, без политика и поделби. „Гласен текстилец“ организира дури и бесплатен превоз до Скопје со точна саатница за тргнувањето на автобусите од повеќе градови од Источна Македонија.
Препорачано
– Ако ни е поважно шетањето по грчките плажи и скарата токму на тој ден, тогаш немаме право да се жалиме што имаме најниски плати во регионот. Затоа, контактирајте ги синдикалните претставници од градовите, за организиран превоз и да покажеме единство на 1 Мај во 12 часот, пред Владата на Македонија – напиша Ампева на Фејсбук.
Од ССМ, пак, порачаа дека колку и да сакаат некои синдикати да го обојат или да го политизираат, а други да го присвојат – 1 Мај не е ден на синдикатите, туку е празник на работниците и треба да се празнува чесно и достоинствено, без политика и поделби. На Денот на трудот се слави борбата што се води во останатите 364 дена од годината и треба да биде празнуван како и секој друг голем државен празник кога граѓаните треба да се обединат и заедно да го празнуваат.
– Затоа ги повикуваме сите граѓани, работници, колеги и наши членови, 1 Мај да го одбележиме низ начелото на солидарност заедно со другите синдикати, невладини организации, граѓански активисти и други борци – стои во повикот на ССМ. Инаку, првомајскиот протест ќе почне во 11 часот, пред Работничкиот дом.
Граѓаните се свесни дека правата и положбата на работниците тешко се мрдаат од „мртвата точка“ и покрај повиците на синдикалците решаваат да си дадат одушка и да се почестат со скара, излет или со некое кусо патување. Иако се свесни дека треба да се излезе и да се протестира, велат дека тешко се искоренува скараџиската практика. Тука се и трговците што и пред овој 1 Мај, излегоа со масовни поевтинувања на колбасите, ќебапите и плескавиците. Се нудат и скари, ќумур и сè што е потребно да се направи добра скара. Според Законот, казната за палење оган на јавна површина е 200 евра, а за фрлање и оставање отпад 50 евра.
– Јас сум за скара – ни рече еден скопјанец, кој ги меркаше колбасите и плескавиците на попуст. Другите, пак, велат дека треба да се протестира, оти скара може да се прави и друг ден. – Ако си задоволен и имаш пари, секогаш можеш да си правиш скара – велат дел од граѓаните.
Центарот за управување со кризи секоја година апелира до граѓаните на внимателност при палење оган на отворено за Меѓународниот ден на трудот – 1 Мај.
– За првомајскиот празник традиционално граѓаните излегуваат во природа и на излетнички места. Апелираме за внимателност при палење оган на отворено за првомајскиот празник, како и секогаш кога се престојува во природа. Ако се пали оган на отворено при одењето на излет, таму каде што нема посебно направени огништа за правење скара, тоа да се прави внимателно и пред заминување од местото, задолжително да се изгасне жарта од огнот – потсетуваат од ЦУК.
Од Националниот парк „Галичица“ потсетуваат на законската забрана за палење оган, фрлање на догорчиња и други причинители на пожари на отворен простор, освен на двете излетнички места „Корита“ и „Јадера“ каде што е уредено и дозволено палење оган, односно правење скара. Казните за такви недозволени активности изнесуваат од шест до осум илјади евра за правни и од 1.500 до три илјади евра за физички лица.