Настанот ќе се одржи на 12 јуни, со почеток во 12 часот

Првата национална монографија посветена на поетиката и стилистиката во јужнословенските земји ќе има промоција во Ректоратот на УКИМ

Во големата сала на Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на 12 јуни, со почеток во 12 часот, ќе биде промовирана колективната монографија „Македонска поетика и стилистика“ – прва национална монографија посветена на поетиката и стилистиката во јужнословенските земји, издание на Комисијата за стилистика на Меѓународниот славистички комитет и на Институтот за славистика на Универзитетот „Карл Франц“ во Грац.

На промоцијата, свечено обраќање ќе одржи ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Биљана Ангелова, а поздравно обраќање ќе има деканот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, проф. д-р Владимир Мартиновски. Промотори на монографијата ќе бидат проф. д-р Венко Андоновски, дописен член на Македонската академија на науките и уметностите и редовен професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и директорката на Институтот за македонска литература, проф. д-р Наташа Аврамовска. Пред присутните ќе се обратат и редакторите на монографија, проф. д-р Бранко Тошовиќ од Универзитетот во Грац и проф. д-р Славчо Ковилоски од Институтот за македонска литература, додека од името на авторскиот тим ќе се обрати проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

Работата на изданието е производ на повеќегодишната работа на неколкумина македонски членови на Комисијата за стилистика при Меѓународниот славистички комитет. Автори на монографијата се научните истражувачи од Институтот за македонска литература: Славчо Ковилоски, Марина Цветаноска, Билјана Рајчинова-Николова, Славица Петровска-Ѓорѓевска и Ема Лакинска, професорите од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“: Весна Мојсова-Чепишевска, Иван Антоновски и Трајче Стамески, како и Бранко Тошовиќ од Универзитетот во Грац.

Станува збор за прво издание од ваков вид во и за македонската литература. Mонографијата е објавена како трета книга од серијата „Словенска стилистика“. Првиот авторски тим што успеа да го заврши овој потфат е македонскиот, со што изданието стана првата национална монографија посветена на поетиката и стилистиката во јужнословенските земји.

Во извесна мера, ова издание би можело да послужи и како своевидна историја на македонската книжевност, со оглед на тоа што во него е опфатена целокупната македонска литература, почнувајќи од раниот среден век па сѐ до денес. Посветено е значително внимание на поетиката на македонската поезија, на романите, на драмите, на расказите, на критиката и на другите книжевни жанрови, без разлика дали се оригинални или преведени дела.

Како рецензенти на колективната монографија се јавуваат: Венко Андоновски, Маја Јакимовска-Тошиќ, Валентина Миронска-Христовска, Лорета Георгиевска-Јаковлева и Јасмина Мојсиева-Гушева. Освен нив, на најразлични начини, за потребите на изданието беа вклучени и други лица: Марија Пандева, Елена Пренџова, Владимир Цветкоски и Татјана Б. Ефтимоска.

Колективната монографија „Македонска поетика и стилистика“ е објавена годинава, а веќе е дел од фондовите на клучни славистички центри во светот. Монографијата веќе беше промовирана на Универзитетите во Задар и во Бања Лука, по што ќе следуваат промоциите во Париз и Мадрид. Ова е прва промоција на изданието во Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот