
Прва награда за најдобра необјавена поетска творба „Антево слово“ доби поетесата Виолета Танчева-Златева
Меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ („Il Parnaso – Concorso di Poesia – Premio Angelo La Vecchia“), во соработка со Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст – Струмица“, годинава по шести пат ја доделува наградата за најдобра необјавена поетска творба „Антево слово“, специјална награда на фестивалот, востановена во чест на великанот на македонската поезија Анте Поповски.
Препорачано
Комисијата во состав Митко Гогов (претседател), Атина Цветаноска, Иван Антоновски, Александра Јуруковска, Жорж Поповски (членови) и Геро Ла Векија (надворешен соработник), по повеќе од 120 пристигнати песни едногласно одлучи првата награда да се додели на поетесата Виолета Танчева-Златева за песната „Севселенска“.
– И во оваа песна на Виолета Танчева-Златева, лирскиот субјект истовремено е и поетовото Јас и општочовечкото Ние, при што рафинираноста на поетскиот израз и овојпат се остварува и со авторска почит кон македонскиот литературен јазик која остава печат врз стилот на оваа поетеса. Песната се надоврзува на претходните творечки резултати на Танчева-Златева и е уште едно камче од поетскиот мозаик што го гради со нејзините поетски книги објавени изминативе неколку години. Но, тој мозаик е резултат на автентична поетика која е дел од естетската вертикала на современата македонска поезија – стои во образложението на комисијата.
Втората награда на конкурсот ја доби поетесата Славица Гаџова Свидерска со песната „Картографија на себеси“, третата награда им припадна на Иван Иванов со „Сега и сетне“ и Омобоно Лила (Канада) со „Голема е емоцијата“, додека наградата за млад автор ја доби Лука Иванов со песната „Таворската светлина“.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 186, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 8-9.7.2023)