
Пругата кон Бугарија – џабе потрошени пари или клучна логистичка рута на јужното крило на НАТО!?
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш го впери прстот кон претходната влада на СДСМ и ДУИ за пругата кон Бугарија, за која смета дека неплански проект, при кој без економска оправданост коалиционите партнери сакале да потрошат 560 милиони евра за третата делница од пругата кон Бугарија која треба да има 22 тунели од кои последниот нема излез.
Препорачано
-Километар пруга според математиките на претходната власт би чинел над 23 милиони евра. Цената на чинење е само еден од проблемите. Пругата од 24 километри, треба да има 22 тунели, од кои последниот нема излез. Да, СДС и ДУИ предвиделе пругата кон Бугарија да завршува во тунел кој нема излез, затоа што од бугарска страна нема ниту проект за истата. Економски неоправдано е да се фрлат 560 милиони евра за пруга која завршува во тунел без крај, рече Бране Петрушевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес конференција во седиштето на владејачката партија.
Тие сметаат дека 560 милиони евра можат да се потрошат на модернизација на пругата од Табановце до Богородица и истата да може да се користи од возови кои би се движеле до 120 километри на час, а би чинела 250 милиони евра, односно на половина од тоа што СДСМ и ДУИ планирале за 22 километри пруга со тунел без крај.
Реакцијата на Бугарија за пругата од Коридорот 8
Откако ВМРО-ДПМНЕ ја започна кампањата за прекинувањето на изградбата на пругата кон Бугарија, реагираше и бугарската влада која изрази вознемиреност за македонските власти поради „кршење на меѓународните обврски во областа на инфраструктурното поврзување,со пренасочување на европските средства за изградба на железничката компонента од Коридорот бр.8 во друг транспортен проект“.
Бугарија ја повика Владата на Република Северна Македонија одговорно и со добра волја да пристапи кон сите обврски и договори со цел навремена изградба на делниците од трасата на Трансевропскиот коридор бр. 8 на нејзина територија.
„Трансевропскиот коридор 8 не само што ја поврзува Република Северна Македонија со Бугарија, туку има за цел да ја зголеми геостратешката автономија на ЕУ. Тој, исто така, станува клучна логистичка рута долж јужното крило на НАТО од Јадранот до Црното Море и е од голема важност во сегашниот геополитички момент. Одбивањето да се изградат основните компоненти на Коридорот 8 ја ослабува колективната безбедност на Алијансата, соопшти бугарската влада во неделата.
Владата нагласува дека Република Бугарија во повеќе наврати го покренала прашањето за изградба на Коридорот 8 на највисоко ниво и успешно лобира за обезбедување на европски средства за негова изградба, вклучително и за Република Северна Македонија.
„Благодарение на бугарските напори, Коридорот 8 е вклучен во опфатот на европскиот транспортен коридор „Западен Балкан – Источен Медитеран“ како приоритет за ЕУ. На крајот на 2023 година, делницата Крива Паланка – Деве Баир беше назначена од ЕУ како еден од шесте водечки проекти на стратегијата „Глобал портал“ и финансирана со над 500 милиони евра грантови и заеми. Модернизацијата и комплетирањето на железничката компонента на Коридорот 8 на бугарска територија е дел од националната програма „Транспортно поврзување 2021 – 2027 година“, се вели во ставот.
Министерскиот совет на Бугарија потсетува дека Република Северна Македонија во повеќе наврати ја презела и потврдила својата посветеност за инфраструктурно поврзување на двете земји, вкл. Коридор 8 – на пример во Договорот за добрососедство од 2017 година и неговите протоколи од 2019 и 2022 година, Меморандумот за разбирање меѓу Албанија, Бугарија и Северна Македонија од октомври 2021 година, заедничката декларација на Албанија, Бугарија, Италија и Северна Македонија од ноември 2023 година, декларациите од Самитот на НАТО од јули 2024 година итн.