Просечната плата од 500 евра ги зовре социјалните мрежи: Еден јаде месо, еден зелка – сите јадеме сарма

Фото: Архива на СП

Некои од економистите сметаат дека просечната нето-плата не е реален одраз на примањата на населението и дека најдобро би било да се објавува месечната медијална плата, која според дефиниција е платата што се наоѓа на средината кога во низа би се поредиле сите плати, од најниската до највисоката.

Со секое објавување на просечната плата во државата, лавина незадоволство се излева на социјалните мрежи. Деновиве Државниот завод за статистика објави дека просечната нето-плата е 31.871 денари. Многу револтирани граѓани го коментираа овој износ и велат дека тој ни оддалеку не ги одразува реалните примања во државава. „Еден јаде месо, друг зелка – сите јадеме сарма“, „Кој има плата од 500 евра, нека се јави“, „ Просекот е од оние со огромни плати, што е со нас другите?“ – се само дел од коментарите што ги оставија граѓаните под веста за пресметките за августовскиот просек.

Некои од економистите сметаат дека просечната нето-плата не е реален одраз на примањата на населението и дека најдобро би било да се објавува месечната медијална плата што според дефиниција е платата што се наоѓа на средината кога во низа би се поредиле сите плати, од најниската до највисоката. Како што може да се забележи, медијалната плата се пресметува во повеќе други земји во регионот.

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симевски, пак, вели дека просечните плати се многу поверодостоен податок, а медијалната плата може да се употребува во корист на газдите, па Државниот завод за статистика и не ја пресметува.

– Најголем дел од платите се пониски, и ако се наредат во низа, платата во средина ќе биде со значајно пониска вредност од републичката просечна плата. Оваа медијална плата е во интерес на работодавачите за да кажат дека тие даваат медијална плата, или, пак, плата што е значајно над медијалната. Но, важно е какво е нивното однесување во однос на просечната плата во државата – вели Симевски.

Тој објаснува дека државниот завод за статистика дава и дополнителни информации од кои може да се прават подлабински анализи, како што е просечна плата по сектори и колку вработени има во тие сектори, па точно може да се види каде се високите, а каде се ниските плати и колку вработени има со ниски, а колку со високи плати – вели Симевски.

Според последните податоци на ДЗС, а кои се однесуваат на августовската просечна нето-плата, највисок просек има во „Компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности“, каде што просечната плата е 83.556 денари, а најниската е во „заштитни и истражни дејности“ –  18.320 денари. Во ИКТ-секторот, како најплатени работат околу 17.000 луѓе. Од друга страна, според изјавите на Владата кога во март минатата година се зголеми минималната плата од 15.000 на 18.000 денари, во државава „минималец“ примаа 80.000 граѓани. Во тој период со свои пресметки излезе и Институтот за економски политики и истражувања „Фајненс тинк“, според кој медијалната плата била 21.000 денари, што значи дека половина од работниците земале плата до тој износ, а дури 80 проценти имале примања пониски од просечните 31.080 денари во март. Овие износи се поместиле нагоре со растот на минималецот од 15.200 на 18.000 денари.

Економистите објаснуваат и дека колку е поголема нерамномерноста во распределбата на доходот, толку ќе има и поголема разлика меѓу просечната нето-плата и онаа плата што најчесто ја примаат работниците. Според „Фајненс тинк“, во 2020 година 20 отсто од најбогатите луѓе во државата заработиле 5 пати повеќе од 20 отсто од најсиромашните. Последните пресметки и на Државниот завод за статистика на Коефициентот на Џини, кој ја мери нееднаквоста, а кој е пресметан за 2020 година, и тој бил 31,4, што значи дека се зголемил во однос на 2019 година кога бил 30,7 проценти, но е понизок од 2018-та кога изнесувал 31,9 проценти. Во теоријата, Џини-коефициентот е еднаков на 0 кога постои совршена еднаквост на дистрибуцијата на приходите (на пример, каде што сите лица имаат ист приход), додека коефициент од 100 проценти би значел дека целиот приход е кај еден човек, така што – што повисок коефициент, толку поголема нееднаквост на вкупните примања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот