
„Пропаст на државата и моралот“, коментираат српски граѓани откако Јована Јеремиќ беше на прием во Руската амбасада во Белград
Државниот врв на Србија и претставници на Српската православна црква (СПЦ) вчера присуствуваа на прием во Руската амбасада во Белград по повод Денот на победата над фашизмот во Втората светска војна. Веднаш до некои од највисоките српски државни функционери, меѓу присутните е забележана водителката на „Пинк“, контроверзната Јована Јеремиќ, пишува „Нова.рс“.
Препорачано
На приемот во амбасадата присуствувале претседателката на парламентот Ана Брнабиќ, премиерот Ѓуро Мацут, министерот за одбрана Братислав Гашиќ, министерот за образование Дејан Вук Станковиќ, поранешниот премиер на Србија Милош Вучевиќ, министерот за информации и телекомуникации Борис Братина, како и претставници на Српската православна црква, предводени од патријархот Порфириј.
На приемот, како што едвај може да се види на фотографиите од настанот кои ги сподели Руската амбасада, била и водителката Јована Јеремиќ, која на фотографијата ѕирка позади патријархот на СПЦ и парламентарната спикерка и поранешна премиерка Брнабиќ. Присуството на Јеремиќ на настанот наиде на многу реакции и коментари на социјалните мрежи.

„Каква пропаст на државата и моралот“ – напиша еден српски граѓанин.
Јеремиќ ја изгради својата кариера работејќи во телевизијата „Хепи“, а потоа и во „Пинк“ на транзицискиот тајкун Жељко Митровиќ, каде што го доби ударниот термин на утринската програма. Нејзините емисии се познати по тоа што често гостуваат луѓе со сомнителна експертиза, а гледачите имаа можност да слушаат и гледаат астролози, шамани со совети за љубовни магии и други тривијалности и естрадни содржини. Меѓу егзотичните особености на емисијата на Јеремиќ е и тоа што таа ја користи како платформа за редовна промоција на актуелната српска власт и величење на претседателот Александар Вучиќ.