
Промајата ги „проветри“ директорите на затворите
Кадровските промени треба да решат дел од клучните проблеми – пренатрупаноста, корупцијата, ресоцијализацијата, лошите услови за престој во нереновираните крила, нехигиената, отсуството на здравствена нега…
Пребројувањето на затворениците по ќелии што во ноќните часови на 19-ти овој месец го спроведе новоименуваниот в.д. директор на Управата за извршување на санкции (УИС) Александар Пандов при што недостигаа 11 затвореници од вкупно 180 на списокот беше поводот за смена на директорот на Затворот „Шутка“ Филип Андов – Сокол , но и на директорите на други затвори во државава.
Препорачано
На владината седница во средата, за нов в.д. директор на КПУ Затвор – Скопје беше именуван поранешниот полициски генерал Бобан Утковски, а како што Пандов најави во понеделникот, разрешени се и директорите и замениците на штипскиот, прилепскиот, кумановскиот, струшкиот и на охридскиот затвор.
Актуелниот директор на КПУ Идризово Зоран Јовановски доби в.д. заменик – Ибрахим Ељези, а нови в.д. директори се именувани и во битолскиот, гевгелискиот и во струмичкиот затвор.
Чистката на раководните позиции во македонските затвори почна со смената на директорот на тетовскиот затвор и со именувањето на Џеладин Џеладини на 17 јули, кој во средата доби в.д. заменик – Игор Додевски. И Воспитно-поправниот дом Тетово, исто така, доби нов директор на последната седница на Владата, на која сите именувања се по предлог на директорот на Управата за извршување на санкции Пандов.
Во Управата, по спроведениот вонреден надзор, почна да се подготвува записник за сите констатирани злоупотреби во затворот „Скопје“ кој ќе се достави во Обвинителството. Директорот Пандов тврдеше дека под закрила на в.д. директорот Андов имало привилегирани затвореници, кои слободно излегувале од затворот и се враќале кога сакаат.
– Недостигаа 11 затвореници, а 10-мина од нив се вратија додека ние го правевме вонредниот надзор. Се врткаа околу нас, се смешкаа, разговараа со нас и со затворските чувари – рече Пандов на средбата со новинарите во понеделникот, кога затворот го нарече „хотел промаја“ поради она што го посведочил со двајцата колеги од Управата.
Тој беше дециден дека таквото самоволие нема да се толерира, од причина што „отсутните“ затвореници имаат алиби дека се внатре, а всушност се надвор, и може да сторат ново кривично дело, како убиство, кражба, силување… Како директно одговорен за таквата состојба Пандов го посочи директорот Андов, за кој затворските чувари тврделе дека со усна наредба некои затвореници ги преместил во отвореното и во полуотвореното одделение на затворот, конкретно во „пералната“ и во “возен парк“, по што слободно се движеле надвор од установата.
Андов најави кривична пријава за клевета за искажаните обвинувања од Пандов, кој, пак, беше дециден дека записникот од надзорот ќе го достави до Јавното обвинителство за да почне постапка против прозваниот директор на затворот.
„Идризово“ под лупа
Скенирањето на македонските затвори Пандов го продолжи со посета на најголемиот македонски затвор КПУ Идризово, но таму, како што изјави за „Слободен печат“, само се запознавал со состојбата. Таму на сила сè уште е вонредната состојба при што и припадници на Армијата учествуваат во обезбедувањето на затворот, мерка што беше воведена минатата година по низата спектакуларни бегства и обиди.
– Ќе иницирам до Владата да се разгледа оваа мерка за обезбедувањето на затворот Идризово. Треба да се состане Кризниот штаб за натамошните чекори. Првпат видов дека во Идризово има нови објекти, нови згради, но зошто не е почната втората и третата фаза од обновата на затворот, треба да утврдиме. Се плаќаат камати за земениот кредит за обнова и реконструкција на објектите од затворот. Ќе разговарам со ова со министерот за транспорт Александар Николоски – рече Пандов за „Слободен печат“.
Во март минатата година, Шпенд Тахири е разрешен од должноста директор на КПУ „Идризово“, а на неговото место како в.д. директор е именуван генерал-мајор м-р Зоран Јовановски, кој по големата чистка остана на директорската позиција во „Идризово“. Смената на Тахири дојде по откривањето на тунелот за бегство, низ кој на слобода не стигна да се провлече ниту еден затвореник, иако имаше реакции дека тој е жртва на политичката пресметка меѓу Алтернатива која го предложи и ДУИ во тогашната влада на Ковачевски.
На сајтот на МВР уште стои меѓународната потерница по побегнатиот осуденик Беким Мемети, кој по спектакуларното бегство од Идризово во јануари минатата година, сè уште не е пронајден, а придонесе за суспендирање неколку затворски полицајци и за разрешување на тогашниот директор на Управата, Марјан Спасовски.
Кратко по конституирањето на новата влада на Христијан Мицкоски, во затворот „Идризово“ се случи голема тепачка меѓу затвореници, а потоа и пресметка со полицајците, по што новоименуваниот министер за правда Игор Филков веднаш дојде во затворот да се запознае одблиску со состојбата во установата.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави дека и МВР во рамки на своите надлежности ќе реагира за сузбивање на криминалните појави во затворските установи.
Суштинските прашања допрва треба да се решаваат
Кадровските промени во врвот на затворските установи треба да решат дел од клучните проблеми со кои се соочуваат и кое се посочени од релевантни домашни и странски институции и набљудувачи. Пренатрупаноста, корупцијата, ресоцијализацијата, лошите услови за престој во нереновираните крила, нехигиената, отсуството на здравствена нега и соодветна терапија се дел од натрупаните проблеми што бавно се решаваат.
Пробацијата е едно од решенијата за пренатрупаноста, но судиите поретко изрекуваат алтернативни казни, на што неодамна посочи и Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Невладиниот сектор што се занимава со пенолошкиот систем очекуваше добра соработка со новиот директор на Управата за извршување санкции и решавањето на проблемите со пренатрупаноста на затворите, програмите за ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица како и со пробацијата.
Но, приоритет на ВМРО-ДПМНЕ, како што, впрочем, најавуваат и во предизборната кампања, беа осудените за „27 април“. По доаѓањето на Пандов на челната позиција во УИС, со негов потпис на поднесувањето барање за условен прекин од затвор на 30 дена поради лекување добија Митко Чавков, Јане Ченто, Александар Јаневски – Тошта, Оливер Поповски, Митко Пешев и Душко Лазаров.
Пандов беше дециден дека од негова страна секогаш кога ќе добие барање од осуденик за условен прекин на затворската казна поради здравствени причини и со наод од специјалист ќе биде потпишано.
Таков условен прекин неодамна доби и Бојан Јовановски, но со потпис на судија, рече Пандов, без да прецизира колку Боки 13-ка ќе остане на слобода поради влошената здравствена состојба додека ја одлежуваше деветгодишната затворска казна.
По налог на Пандов и по анонимна дојава е извршена проверка на работниот ангажман на Катица Јанева, која откако не е пронајдена на работа во адвокатската канцеларија кај нејзиниот син, го загуби правото на работа додека ја отслужува затворската казна.
– Во Управата се вработените 27 лица, а со пробациската служба сме околу 55. Кадровски сме слабо екипирани за обврските што се наложуваат, но верувам дека ќе успееме редовно да ги контролираме затворите и осудениците за конечно да се воведе ред во македонските затвори – изјави Пандов за „Слободен печат“.