Шпанскиот Гранолјерс на чекор од пласман во следната квалификациска рунда/Фото: rkprolet.mk

Пролет пред елиминација во ракометната Лига Европа

Т. Пролет претрпе пораз со убедливи 21:36 на првиот натпревар од двомечот со Гранолјерс во рамките од квалификациите за пласман во Лигата на Европа.

Шпанската екипа беше супериорна во голем дел од мечот и стигна до убедлива победа, широко отворајќи си ги вратите кон следната рунда од квалификациите во ова европско натпреварување.

Пејовиќ и Палевски беа најефикасни во таборот на Т. Пролет со по четири гола, по трипати реализираа Андоновски, Пецаковски и Голубовиќ. Вториот натпревар од овој двомеч ќе се игра в сабота (4 септември) со почеток од 17.30 часот.

Натпреварот почна со гол од контранапад на Палевски за водство од 1:0, неколку минути подоцна и Голубовиќ погоди за водство од 2:1, а Гранолјерс првото водство го имаше на истекот од петтата минута (2:3). Техничките грешки во нападот на Т. Пролет зачестија, Шпанците поведоа со 2:6, а Андон Бошковски го побара првиот тајмаут на натпреварот. Советите на тренерот вродија со плод, најпрвин проработе нападот, потоа во серија одбрани влезе и голманот Петковски, по што беше преполовена предноста на Гранолјерс (6:8).

Сепак, дојде до нова криза во нападот што Гранолјерс ја искористи за водство од 6:11, пред серијата на шпанскиот состав да ја прекине Ласко Андоновски. Шпанците заминаа со водство од 16:11 со гол кој го постигнаа од пенал во последните секунди.

Од почетокот на второто полувреме на голот на Т. Пролет застана Јане Цветковски, кој на самиот почеток собра две одлични интервенции. Тоа не беше доволно бидејќи Гранолјерс повторно заигра на највисоко ниво, па во 37. минута резултатот гласеше 13:20. Проблемите се зголемија во 39 минута, откако судиите при резултат 13-21 му покажаа црвен картон на Дејан Пецаковски откако пеналот на искусниот бек заврши во главата на домашниот голман. Шпанците знаеја како да го искористат тоа и набрзина поведоа со десет гола предност (13:23), и тоа со гол што од својот шестерец го постигна голманот Ранхел.

Убедливата негатива како да ги демотивираше ркометарите на Т. Пролет, кои често грешеа во нападот, а Гранолјерс со лесно голови од контранапад го казнуваше тоа за убедливо водство од 15:28. Остатокот од мечот мина во рутинско привршување од страна на шпанскиот клуб кој славеше убедливо.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот