Производителите на салами засега ќе мора да се задоволат само со поевтината струја

Преработувачите на месо, засега нема да добијат дополнителни фискални олеснувања во моментов, соопшти премиерот Димитар Ковачевски, но тоа не значи дека во иднина нема да се разговара за темата.

Одговарајќи на барањата на овие производители, Ковачевски парираше со фактот дека тие добиваат субвеницонирана цена на електрична енергија од 80 евра за мегават час, што е за неколку пати помала цена на електрична енергија од она што го купуваа на берзата претходно.

Премиерот е внимателен и вели дека Буџетот има своја приходна и расходна страна, па ако постојано ја зголемуваме расходната страна а ја намалуваме приходната страна, тоа ќе се одрази негативно врз други параметри на буџетот.

-Цената на струјата е еден влезен параметар во финалната цена, а на неа влијаат и зголемената цена на суровините на светските берзи, тука пред се мислам на месото, млекото, житото… Свесни се и компаниите дека државата во рамки на своите можности прави максимум што може за да им помогне, бидејќи давањето на електрична енергија од 80 евра по мегават час кога цената на електирчна енергија беше и 500 евра за мегават час значи финансиски издаток за државата со цел да имаме намалување на цените – потенцираше Ковачевски.

Тој посочи дека Владата мерките ги носи во координација со стопанските комори и со претставниците на сите сектори во рамките на стопанските комори.

Групацијата за преработка на месо и производи од месо при Стопанската комора веќе подолг период бара од Владата да донесе антикризна мерка за ослободување од царината за увоз на смрзнато свинско месо. Свесни дека кризата ја намали куповната моќ на граѓаните, тие почнаа акција за купување домашни, квалитетни и евтини месни производи достапни за сите.

-За да ги намалиме цените на готовите производи од 10 до 15 отсто, потребно е да се донесе антикризна мерка за ослободување на царината за увоз на смрзнато свинско место наменето за преработка, која беше во сила четири години и престана да важи во јуни годинава, што беше причина за зголемување на цените, а нас нè направи неконкурентни на пазарот. Во моментот, готовите производи од увоз се наша огромна конкуренција, бидејќи влегуваат без давачки, а нашите царински давачки се над 20 отсто. Ние се обврзуваме да произведеме квалитетни производи за секој граѓанин. За говедското и за пилешкото сме ослободени од давачки и тие зависат од цените на светскиот пазар – порачаа пред извесно време од Групацијата.

Замрзнувањето на цените, а потоа и на маржите, дополнително ги оптовари компаниите. Исто така, поголемиот дел од нив поради кризата и „затворањето“ на Европа, речиси не ги реализираа склучените договори за набавка на суровина.

Се појави и „свинска чума“, па пролетоска се побара месната индустријата да излезе во пресрет – се што беше свиња да се заколе и да се преработи, а пред Велигден и да се откупи вишокот на свинско месо.

Во периодот на пандемијата, потрошувачката на месни преработки се зголеми, особено кога беа дадени ваучери, а се намали и увозот на свежото свинско месо од 12.600 на 11.500 тони.

Со почетокот на кризата, пак, тенденцијата одеше во обратна насока – благо намалување на домашното производство и раст на увозот на свежо свинско месо и преработки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот