Министерот за финансии Фатмир Бесими со претставници на бизнис заедницата/Фото: МФ

Прогресивното оданочување се враќа во дебатата за даночна реформа

Вкупните даночни приходи и социјални придонеси учествуваа со 27,7 проценти во македонскиот БДП во 2008 година, а во 2020 нивното учество е 13,8 проценти

Министерството за финансии информираше дека од денеска почна јавната дебата за концептот на даночната реформа, која заедно со реформата во јавните финансии, треба да придонесат за поефективно и поефикасно прибирање на приходите во буџетот.

Новиот концепт што е предложен, беше претставен пред бизнис заедницата. На разгледување се врати и прогресивното оданочување.

– Северна Македонија има едно од најниските нивоа на учество на приходите од даноци и придонеси во БДП. Во периодот од 2008 до 2020 година присутен е значителен јаз помеѓу учеството на приходите од даноци и придонеси во БДП во ЕУ-27 и кај нас. Имено, во 2008 година, вкупните даночни приходи и социјални придонеси учествуваат со 38,4% во БДП на ЕУ-27, што е за 10,7 процентни поени над оствареното во Северна Македонија со 27,7%. Овој јаз со текот на годините и се продлабочува, со што во 2020 година изнесува 13,8% – рече министерот за финансии Фатмир Бесими.

Даночната реформа ги опфаќа данокот на добивка, данокот на личен доход, данокот на додадена вредност, акцизите и еколошката даночна политика, а предвидените законски измени во најголем дел се планира да се применат од 1 јануари 2023 година.

Предвидени се решенија кои ќе придонесат за проширување на даночната база преку таргетирање на повластените даночни третмани т.е. даночните ослободувања и олеснувања во постојниот систем на данокот на добивка, данокот на личен доход и данокот на додадена вредност. Се предвидува ревидирање на даночните стимулации при што ќе се креира фискален простор за спроведување активна даночна политика за стимулирање на инвестиции на приватниот и на јавниот сектор во технологии кои поддржуваат зелена транзиција и дигитална трансформација.

Во делот на ДДВ промените се однесуваат на понатамошно зајакнување на основните принципи на системот на ДДВ, како и допрецизирање на правата и обврските на даночните обврзници. Во дебатата ќе биде опфатено и прашањето на данокот на личен доход во контекст на прогресивното оданочување и рамниот данок.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот