Фото: ТВ24

Професорите од УКИМ бараат повеќе државни пари за научни проекти

Најстариот универзитет во земјава, УКИМ, денеска им додели награди за своите најдобри научници по повод Светскиот ден на науката за мир и развој. Дел од наградените научници забележаа дека Македонија е земја со значаен потенцијал, но дека државата недоволно вложува во истражувачките активности и недоволно ги користи резултатите од истражувањата, а тоа е пречка за напредок и развој.

„Науката и технологијата може да го трансформираат општеството, да ги решат предизвиците и со тоа да овозможат подобар живот за секој граѓанин. Затоа е потребно заедничка посветеност од академската заедница, од индустријата и од Владата. Знаеме дека секој денар вложен во истражување има потенцијал за повеќекратен поврат преку враѓање на средства во државниот буџет преку зајакнување и конкурентна економија“, рече универзитетскиот професор Димитар Трајанов од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, според „ТВ24“.

Според професорот Владимир Трајковиќ, во време кога не можат да сметаат на многу пари од државата, можеби треба да се поттикнат и наградат научниците кои во својата работа аплицираат и добиваат голем број проекти.

Ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Билјана Ангеловска, ги додели наградите за најдобри научници и уметник на годината во повеќе научно-истражувачки подрачја.

Меѓу наградените професори за најдобар научник се и Александар Стојков, Даниел Галинов, Андреј Николовски, Александар Узунов, додека во категоријата „уметник на годината“, признанието го доби професорката од Драмскиот факултет во Скопје, Зоја Бузалковска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот