
Професионални заедници за учење во градинките: Сè може да се одложи, но растењето на детето, не!
Започна иницијатива за создавање професионални заедници за учење во градинките, кои ќе им помогнат на воспитувачите да го унапредат професионалниот развој и да го поттикнат учењето и развојот на децата, спроведена од Министерството за труд и социјална политика, поддржана од УНИЦЕФ и од Владата на Обединетото Кралство. Во овој пилот-процес во текот на февруари и март годинава учествуваа повеќе од 200 воспитувачи во 36 работилници за градење капацитети
Кога се децата во прашање и нивното растење во здрави и среќни личности, целото општество сноси одговорност. Не рекле за џабе на африканскиот континент: „За да се израсне едно дете, потребно е цело село“. Со таа цел разговаравме со неколку воспитувачки вклучени во професионалните заедници за учење во градинките, кои ним ќе им помогнат да го унапредат професионалниот развој и да го поттикнат учењето и развојот на децата, што ќе влијае на нивната иднина.
Препорачано
Воспитно-образовната работа не е рецепт кој книгите ќе ви го дадат, вели Сања, една од воспитувачките, но затоа овие типови на работилници се надеваат да понудат барем состојки кои ќе го изготват рецептот за да се пружи најквалитетна и соодветна грижа за најмалите членови од нашето општество, кои допрва треба да го изградат.

– За да напредува секое дете, треба да напредуваат и возрасните, постојано. Оваа премиса е во сржта на концептот на професионалните заедници за учење во градинките, кој изминативе неколку месеци го истражувавме заедно со воспитувачите од предучилишните установи. Околу 200 воспитувачи беа вклучени во процес на обука и поддршка за воспоставување професионални заедници во своите градинки, кои поттикнуваат колаборативно следење на напредокот на секое дете и идентификување на потребите за професионален развој кај секој вработен во градинката, што значи од внатре кон надвор. Оваа обука е дел од програмата за социјално и емоционално учење на Министерството за труд и социјална политика, поддржана од УНИЦЕФ и од Владата на Обединетото Кралство, која кај нас се спроведува веќе три години. Проектот го имплементира Македонскиот Центар за граѓанско образование. Минатата недела се одржа првата конференција за воспитувачи кај нас за споделување искуства од воспоставувањето на професионалните заедници за учење во градинките, која ја следеа повеќе од 2.000 вработени во градинките на платформите Зум и Јутјуб – изјави Маја Цветаноска, раководителка на компонентата за професионални заедници за учење во градинките.

Како станавте воспитувач и зошто ја избравте таа професија?
– Мојот пат до оваа професија беше навистина необичен. Додека бев на самиот крај на моите студии на Филолошкиот факултет на катедрата Турски јазик и книжевност, имав единствена можност да влезам во волшебниот свет на децата, преку една соработка во приватна градинка. И тука започна сè. Љубовта кон оваа професија се роди веднаш – раскажува Билјана Пушкин од „Кочо Рацин“- Скопје.

– Никогаш немав сретнато толкаво количество на љубов, смеа, забава и искреност на едно место – ГРАДИНКАТА. Самиот факт дека првите шест години се клучни во формирањето на личноста, како и одговорноста што тоа ја носи, беа пресудни за следниот чекор. Со голем ентузијазам, во рекордно време, го завршив Педагошкиот факултет во Скопје и го исполнив мојот сон – да овозможам и да придонесам за што повеќе деца максимален развој, исполнет со љубов и учење низ игра. Сметам дека ние воспитувачите работиме со најчистите и најискрените суштества на целата планета и нашата мисија е да им го понудиме најдоброто од нас – љубовта, воспитувањето, емоциите, животните вештини, со цел да се изградат во квалитетни личности – подготвени за живот – вели таа.
Роса Цветановска од „Раде Јовчевски Корчагин“ – Скопје завршила Педагошки факултет и себеси се гледала како личност која е опкружена со деца и која ќе направи сè што може за тие деца да имаат квалитетен и подобар социо-општествен живот од оној кој генерално е застапен во нашето општество.

– Потоа станав мајка и уште повеќе сфатив колку не знам и колку секојдневно учам од моето дете. Тогаш осознав, едноставно знаев дека ќе се пронајдам себеси единствено во мојата денешна професија. Предизвикот да учиш од најискрените срца, да ја примаш безусловната љубов секој ден, не може да не разбуди и силна желба да ги видиш тие деца како среќни и силни индивидуи утре. Тогаш сфаќаме дека нешто добро сме направиле за општеството, на сметка на сета таа љубов со која сме опкружени – вели Роса Цветановска од „Корчагин“.

Како заедниците за учење во градинки ќе влијаат врз вашиот професионален и личен развој? Дали научивте нешто ново на обуките?
– Професионалните заедници се клучот за квалитетен развој на компетенциите на еден воспитувач. Професионално учите да бидете посветени, колегијални, емпатични и колаборативни кон своите колеги. Лично сфаќате дека вие сте едно семејство кое има важна задачи и цели, а тоа е да овозможите правилен раст и развој во првите 5 години од животот на секое дете, кои се од исклучителна важност за понатамошниот негов живот. Потоа преку професионалните заедници учите како да соработувате со колегите и да имате на кого да се потпрете и да прашате кога нешто е нејасно или кога ви треба совет, мислење, насока за тоа како да постапите со некое дете. Концептот на професионални заедници постоел во градинките во минатото, но во сосема друга форма. За разлика од тогаш, денес заедниците ве учат дека заедно сме посилни во нашата намера да ја унапредуваме сопствената воспитно-образовна работа и тоа сè во интерес на децата, да понудиме соодветни стимулации што ќе го поттикнат детското учење и развој – изјави Сања Алексоска од „13 Ноември“ – Скопје.

– Како што се развива глобалниот пристап до секакви информации и знаење, за разлика од моето академско време кога мораше да „копаме“ по библиотеки, сфаќам дека има големо поле на идеи и реализации за кои не сум била свесна. Оттаму, мојот професионален развој е длабоко поврзан и со развојот на генерациите деца на кои најдиректно влијаам, а тие растат и се дефинираат во општество кое рапидно се менува секојдневно. Вештините мораме да ги прилагодиме на информацискиот простор на кој се изложени денешите деца, имајќи предвид дека денес како предизвик ги имаме и Јутјуб, но и бројни социјални мрежи, видео игри и други информациски системи кои значитено влијаат на развојот на децата. Затоа професионалниот развој на еден воспитувач не смее да стагнира, туку мора да еволуира и да се приспособува на секојдневието со кое секое дете е опкружено, за да можеме да создадеме услови во кои ќе се изградат здрави, силни и среќни генерации – смета Роса Цветановска од „Раде Јовчевски Корчагин“ – Скопје.

Кој учествува во професионалните заедници? Дали се вклучени и родителите?
– Професионалната задница што ја формиравме во нашата установа има членови од сите структури; вклучени се воспитувачите, негувателите, стручните работници и соработници, директорот, правникот, дел од техничкиот персонал. Поканата да се биде дел од заедниците постојано ќе биде отворена за секој што сака да придонесе за развојот на децата и на установата. Сметам дека заедно како тим ќе ги зајакнеме компетенциите на вработените во градинката – за планирање и спроведување на активности за професионален развој на вработените, да се поттикне соработата меѓу вработените, да се подобри и промени културата во градинката, сè со цел да се овозможи правилен и оптимален развој и учење на децата. Родителите веќе се поттикнати да бидат вклучини во заедниците, сметам дека синхронизираниот пристап помеѓу воспитувачите, негувателите и родителите ќе даде поголеми резултати во правилниот развој кај децата. Сè може да се одложи, но растењето на детето не! Затоа е многу важно и родителите да бидат дел од заедниците – вели Јованка Ефтимова од „Павлина Велјанова“ – Кочани.

Честопати вработените во градинките се тема на незадоволство, како тоа во рамки на работата влијае на вас лично?
– Да, сè почесто читам и следам коментари и разговори меѓу засегнати лица (родители, вработени во приватен сектор и други лица), како искажуваат незадоволство кон вработените во градинките и многу се растажувам што јавното мислење понекогаш е премногу негативно. Тоа се должи пред сè на ниската педагошка култура на граѓаните за значењето на воспитно-образовната дејност во раното детство и гледање на згрижувањето на деца како „нужно зло“, кое мора да се случи. Најголем дел од родителите знаат дека градинката е одлична подготовка за училишниот период, но не знаат зошто. Од 2019 година ова мислење почна да се менува во јавноста поради многубројните активности што ги презема Министерството за труд и социјална политика со нивниот партнер Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје. Благодарение на неколку министри кои се сменија во последниве 3-4 години, оваа намера не се промени и не отиде по „надолен пат“. Имено, со започнувањето на серијата обуки на воспитувачите за социо-емоционално учење преку програмата Основи на социјална кохезија и културен дијалог, и воспитувачите започнаа да сфаќаат колку е важна нивната благосотојба додека се на работа, а со тоа и на децата кои престојуваат во градинката. Со вклучувањето на родителите во настаните за социо-емоционално учење на децата од рана возраст, состојбата почна да се менува во позитивна насока. Сè уште треба да рушиме огромни стереотипи и предрасуди за да ја направиме градинката да биде „отворена“ за сите засегнати лица. Јас лично сум пресреќна што сето ова почна да се менува, бидејќи сега можам со родителите отворено да зборувам за важноста на раното учење и развој на нивните деца. Сакам да укажам дека општо прифатениот негативизам за вработените во градинките делува мошне обесхрабрувачки на нас воспитувачите кои сме директно инволвирани во воспитно-образовната дејност во градинката и со такво мислење за вашата професија немате воопшто мотив за напредок и доживотно учење. Едноставно, воспитувачите го градат својот квалитет во работата само доколку го прифатат концептот на доживотно учење и ако постојано се во тек со мејнстрим-случувањата во светот. Преку формирањето на професионалните заедници во градинките, се нуди одлична можност за соработка и колаборативно учење меѓу колегите, а со тоа се враќа надежта и вербата на вработените во градинките дека сепак општеството не заборавило на нив и на значењето на институцијата воспитувач – објаснува Сања Алексоска од „13 Ноември“ – Скопје.

– Не се сложувам дека често се изразува незадоволство од градинките или пак, конкретно од персоналот. Во првите шест месеци од пандемијата, кога градинките не работеа, критиките беа почести и јавни, но тоа не можам да го земам за зло од многу причини. Сите бевме во една затекната ситуација и јас сочувствував со родителите кои немаа решение за своите деца, а мораа да одат на работа. И тогаш знаев дека револтот им е повеќе насочен кон системот, отколку кон нас. После тоа имаше по некој изолиран случај на незадоволство и тоа насочен кон конкретни личности. Не можам да судам во тој случај, затоа што јавно најчесто ја слушаме само едната страна на приказната. Мене лично може да ми влијае критика само доколку е упатена лично до мене и во тој случај ќе дадам сè од себе да ја вратам довербата доколку сум виновна или да се оправдам доколку немам вина. Впрочем, невозможно е да нема незадоволства. Лично мене ми се поттик за подобрување во конкретната насока кон која е изразена критиката. Никако не ме води кон демотивација – вели Елеонора Костоска Јованоска од „Наша Иднина“ – Прилеп.

Што значи вашиот професионален развој за развојот на децата?
– Мојот професионален развој има огромно значење во развојот на децата. Многупати тоа досега сум го забележала. Многу често на обуки, работилници итн. сум се преиспитувала за конкретни ситуации во минатото. Мојот развој го гледам преку прифаќањето на иновациите и современите форми и методи на работа, кои можат многу позитивно да се рефлектираат врз развојот на децата. Професионално да се развиваш, значи доживотно да учиш. Само така покажуваш дека се сакаш себеси, ја сакаш професијата и ги сакаш сите свои деца со кои си секојдневно – изјави Елеонора Костоска Јованоска од „Наша Иднина“ Прилеп.

– Како вопситувач со 24-годишно работно искуство честопати правам рефлексија на својата работа. Се сеќавам на своите почетоци кога ја усвојував практиката, честопати се навраќав на книгите кои ги учев во своето иницијално образование на факултет барајќи одговори на некои прашања. Можам да кажам дека не најдов соодветни одговори, бидејќи воспитно-образовната работа не е рецепт кој книгите ќе ви го дадат. Освен теоретски на факултетите, воспитно-образовната работа се учи дирекно во практиката и во работа со децата, како и преку постојана консултација со постарите колеги. Заедничкото учење и растење како тим е од пресудна важност за да се создаде еден квалитетен воспитувач. На самите почетоци ве понесува ентузијазмот и секако љубовта кон децата, која е основна движечка сила за секој воспитувач. Понатаму во текот на годините кога ќе почувствувате дека доаѓаат генерации на деца кои се многу попаметни и талентирани за многу аспекти од нивниот развој, сфаќате дека не можете и понатаму да се служите со одредени методи на работа. За да одговорите на потребите на идните генерации, постојано треба да го збогатувате своето искуство со нови сознанија кои сега се лесно достапни, да следите нови предизвици од светски рамки и секако, да се вмрежувате со личности кои се во истата или во слична дејност од кои можете да научите нови сознанија, концепти и согледувања за детскиот развој. Во тој случај вие се менувате и ги развивата своите професионални компетенции како воспитувач и се обидувате да ја промените и сопствената практика да истражувате што е најдобро за децата, поаѓајќи од нивните можности и потреби. Успехот е загарантиран, а децата се најискрените суштества на светот. Насмевката на детските лица и нивниот напредок во развојот ви се доволен показател дека сте на вистинскиот пат до успехот. Тогаш сфаќате дека посветеноста кон својата професионална надградба е клучна за примена на добри практики во работата со децата, а со тоа придонесувате кон правилен раст и развој по мера на секое дете – објаснува Сања Алексоска од „13 Ноември“ – Скопје.
