Проф. Д-р. Владо Спиридонов / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Проф. д-р Спиридонов за „Слободен печат“: Жешко и во септември, суша наесен и можен снег во зима

До крајот на летото се очекува југозападниот дел на Македонија да има потопли и малку повлажни услови, додека остатокот од земјата ќе има температури во рамките на просекот. Се очекува дека нивото на врнежите ќе остане просечно

Септември ќе биде потопол од просекот, со температури од 1-3°C над нормалата. Врнежите ќе бидат просечни, а посвежите ноќи ќе помогнат во балансирањето на топлината,  вели за „Слободен печат“ професорот на Природно-математичкиот факултет Владо Спиридонов. Според него ќе имаме блага есен и зима карактеристична за овие предели.

– Летото започна со екстремна топлина во југоисточна Европа, вклучително Македонија, поради висок притисок и топлотни бранови од Африка. Јули беше особено топол, со температури над 42°C. Климатските промени ја интензивираа топлината и сушите, влијаејќи на земјоделството и водоснабдувањето, и доведоа до зголемени шумски пожари и неповолни временски појави – вели Спиридонов.

Што се однесува до прогнозата  за крајот на летото, професорот вели дека септември ќе биде потопол.

– Иако прогнозите имаат ограничени временски рамки, тие се клучни за планерите и институциите, вклучувајќи го Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување и владините тимови за управување со кризи. Редовните ажурирања и билтени со анализи и сезонски прогнози се од суштинско значење за процена на временските ризици и подготовка за потенцијални негативни влијанија. Иако се помалку прецизни поради природата на атмосферските процеси, овие прогнози даваат општ преглед на потенцијалните временски сценарија кои би можеле да влијаат на економијата, безбедноста и одржливиот развој на нашиот ранлив регион – вели Спиридонов.

Сезонска прогноза на температурите и симболичен приказ на времето во Скопје

Тој објаснува дека е неопходно воспоставувањето на современ центар за рана најава на повеќестепени хазарди, со цел носење превентивни мерки неколку денови однапред, како би се ублажиле негативните последици. Еден таков систем за прогноза и најава на опасност од пожари до 15 денови однапред, се развива од експерти од ПМФ и ФИНКИ.

До крајот на летото се очекува југозападниот дел на Македонија да има потопли и малку повлажни услови, додека остатокот од земјата ќе има температури во рамките на просекот. Се очекува дека нивото на врнежите ќе остане просечно. Како што напредува септември, се очекува да се намалуваат продолжените летни горештини поради пократките дневни часови. Ова ќе резултира со поизразени температурни флуктуации, со умерени дневни температури и ублажување на некои од негативните ефекти од летните климатски варијации и промени.

– Во однос на врнежите се прогнозираaт во рамките на просечните сè до крајот на летото. Просечната месечна сума врнежи за Скопје за месец септември изнесува 44.1 мм. За врнежите нема отстапување од просечните за овој месец, освен во јужните делови каде се забележува дефицит (-0.2 до -0.4 мм) и појава на суши. Според овој модел, месец септември ќе биде повлажен (0.2 до 0.4) на југозапад, а за останатите области нема отстапување – вели професорот.

За зимскиот период вели дека Европа ќе доживее зима под влијание на слабата фаза Ла Ниња, која носи постудени услови и нестабилен поларен вител.

Овие климатски модови ќе придонесат во формирање на центри со изразен висок притисок над северниот Пацифик, како и области со низок притисок над Канада, северниот дел на САД и над југозападна Европа. Овој шаблон на циркулација ќе ја зголеми веројатноста за транспорт на поладен атлантски воздух и снежно време во Европа.

Во декември зимата ќе започне со малку пониски температури од минатата година. Раниот студен период и кратките врнежи ќе создадат класично зимско чувство, особено на планините. Најстудениот месец јануари се очекува да биде со температури во интервалот од -8°C до 0°C.  Во првата половина се очекува значително поладно време, чести врнежи и умерени до силни мразови. Просечни температури во февруари ќе бидат околу 4°C со поголеми флуктуации. Врнежите ќе бидат умерени, со постуден крај на зимата во однос на лани.

– Зимата 2024-25 ќе донесе традиционални зимски услови со пониски температури и зголемени врнежи, кулминирајќи со класично зимско искуство. Декември ќе ја започне зимата на класичен начин, јануари ќе го достигне врвот со постудено време и врнежи, додека февруари ќе го заврши зимскиот циклус со умерен студ и помалку врнежи, но сè уште понеповолни услови во споредба со минатата година. Оваа  зима, иако според сезонските прогнози на Европскиот Центар за среднорочна прогноза во Рединг (ECMWF) се очекува да биде поблага, ако се повтори синоптичко-динамичкото сценарио во услови на Ла Ниња и слаб поларен вител со нестабилна млазна струја, ветува да биде полна со предизвици, карактеризирана и со повремени студени циклуси и типични зимски пејзажи, барем на планините – вели Спиридонов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот