
Проектот „Страда бруталисима“ ќе биде претставен во рамки на 19. Меѓународна изложба на архитектурата во Венеција
Во изложбениот простор „Арсенале – Сале д’Арми“ во Венеција, на 9 мај свечено ќе биде отворен Павилјонот на Република Северна Македонија во рамки на 19. Меѓународна изложба на архитектурата во Венеција.
Препорачано
Проектот „Страда бруталисима“ (Strada brutalissima), под кураторство на Благоја Бајковски, е авторско дело на кураторот и тимот составен од Ана Рафаиловска, Невенка Манчева Аџиевска, Марија Антиќ Николова, Теа Дамјановска и Михајло Стојановски. Комесари на изложбата се Маја Неделковска Брзанова и Фросина Зафировска.
„Страда бруталисима“ ја поставува во фокус бруталистичката архитектура на Скопје – уникатен и парадигматичен слој од постземјотресната историја на градот. Главната цел на проектот е да ја активира архитектонската интелигенција вткаена во бруталистичкото наследство на Скопје. Во овој контекст, улицата (strada) претставува кураторска алатка за обликување на патека на ново архитектонско знаење. Поставката извлекува 10 бруталистички примери од автентичноста на нивниот контекст и ги репозиционира во нова просторна организација, создавајќи „концептуална улица на знаењето“.
– Изложбата е структуирана низ два улични фронта, кои меѓусебно комуницираат и оформуваат линеарен репозиториум на информации и простор за критичко промислување. Првиот фронт е обликуван преку графичките биографии на избраните бруталистички објекти од Скопје кои ја илустрираат сложеноста на нивните архитектонски композиции. Вториот фронт претставува транскрипции на знаења инкорпорирани во овие објекти, надополнети со критички осврти од еминентни македонски и меѓународни архитекти. Во рамките на проектот се поканети значајни имиња од архитектонската дисциплина да дадат свој придонес во форма на критички осврт и куси дефиниции за скопскиот брутализам. Изложбата укажува како колективното размислување за бруталистичката архитектура може да поттикне нови форми на архитектонска мисла кои предизвикуваат, информираат и ја трансформираат идната архитектонска пракса и генерираат нови визии за современата архитектура. На овој начин, проектот се вградува во генералната тема на 19. Меѓународна изложба на архитектурата во Венеција насловена „Интелигентни. Природни. Вештачки. Колективни.“ курирана од италијанскиот архитект Карло Рати – објаснува д-р Благоја Бајковски.
Како проект од национален интерес во културата од областа на меѓународната соработка за учество на Република Северна Македонија на 19. Меѓународна изложба на архитектурата „Страда бруталисима“ е финансиран од страна на Министерството за култура и туризам. Проектот е во организација на Националната установа Национална галерија во соработка со Архитектонскиот факултет при УКИМ во Скопје и поддржан од страна на Комора на овластени архитекти и овластени инженери.
Благоја Бајковски е доцент на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Додипломските студии ги завршил во 2009 година на Архитектонскиот факултет при УКИМ во Скопје. Во 2014-та година магистрира во областа на одржлива архитектура и урбанизам на Политехничкиот факултет во Милано (Politecnico di Milano). Во 2020 година ги завршува докторските студии на одделот за Архитектура и територија при Универзитетот Медитеранеа во Реџо Калабрија, известија од Националната галерија.