
Проект на „Колектив Зеро“ е поставен во „Мала станица“ при Националната галерија
Во просториите на мултимедијалниот центар „Мала станица“ при Националната галерија за љубителите на постмодерната уметност од 12 до 29 октомври ќе биде претставен проект – инсталација во простор на уметничката група „Колектив Зеро“ со наслов „Номен ест омен“ (во слободен превод – името е знакот).
Препорачано
Од протозеро друштвото на почетокот на 80-тите произлезе „Колектив Зеро“ (Ø, нула, ништо, безначајност), кое е формирано во 1985 година во ориенталниот амбиент и институциите на Старата скопска чаршија.
„Колектив Зеро“ во 80-тите години на 20 век претставуваше парадигма за вонинституционално генерациско дејствување на македонската ликовна сцена. Нивниот иронично-критички уметнички став го означи методолошкиот и интерпретативен пресврт со раскинувањето на стереотипите на „големите модернистички наративи“. Преку интертекстуалноста, интермедијалноста, пародијата или субверзијата на историскo-идеолошките дискурси со различните стилски пристапи, групата стана препознатлив знак за македонската постмодерна.
„Колектив Ø“ има хетероген состав и отворен карактер, но дејствува без програма. Со првата изложба беше најавена нивната ориентираност кон мултимедиумски истражувања и излегување од етаблираните норми во уметноста и сфаќањата, но без едно тегобно романтичарско чувство. Колективот во своето дејствување оствари специфичен спој на западната и на источната уметност и духовна традиција (неоекспресионизмот, поп-артот, стрипот, графитите итн.).
Заедничкото цртање и сликање даде свежи и впечатливи примери на надреалистички „автоматски ракопис“. Во сликите и муралите остварија сложена и послободна експресивна и декоративна структура. Хибридните ликови, форми и знаци се колажно или монтажно поврзани на неочекуван и инвентивен начин.
Колективот го помина патот од непризнавање (од т.н. „музејска критика“) до признавање од поширок круг публика и познавачи. За нив различноста значеше припадност кон една друга Европа – „Une autre Europe“, сознание добиено по 1990те години.
Проектот „Номен ест омен“ е рефлексија и визуелна реакција на претходно опишаното и актуелните случувања во Република Северна Македонија и пошироко. Членови на „Колектив Зеро“ се Ацо Станкоски, Синиша Цветковски, Ибрахим Беди, Зоран Јаневски, Горанчо Ѓорѓиевски, Миодраг Десовски, Стеван Шашков, Сашо Јовчевски и Златко Трајковски (1960-2017).