Џони Деп со обожавателка / Фото: EPA

Продуцентот на „Пиратите од Карибите“: „Би сакал Џони Деп да се врати за шестиот филм“

Продуцентот Џери Брукхајмер откри дека разговарал со Џони Деп за можноста да го повтори култниот лик на капетан Џек Спероу во шестиот дел од франшизата „Пиратите од Карибите“ (Pirates of the Caribbean). Според него, актерот би прифатил да се врати под еден услов – ако му се допадне како е напишана улогата, пренесе „Пипл“.

„Ако му се допадне начинот на кој е напишан ликот, мислам дека ќе го прифати. Сè зависи од тоа што ќе стои на хартија“, изјави Брукхајмер во интервју за „Ентертејмент викли“.

Деп, кој за првпат се појави како Џек Спероу во „Пиратите од Карибите: Проклетството на Црниот бисер“ (Pirates of the Caribbean: The Curse of the Black Pearl, 2003), глумеше и во четири продолженија – „Пиратите од Карибите: Ковчегот на мртовецот“ (Pirates of the Caribbean: Dead Man’s Chest, 2006), „Пиратите од Карибите: На крајот на светот“ (Pirates of the Caribbean: At World’s End, 2007), „Пиратите од Карибите: Во непознати води“ (Pirates of the Caribbean: On Stranger Tides, 2011) и „Пиратите од Карибите: Мртвите не раскажуваат приказни“ (Pirates of the Caribbean: Dead Men Tell No Tales, 2017). За првиот филм беше номиниран и за „Оскар“.

По судската победа над поранешната сопруга Амбер Херд во јуни 2022 година, неговиот претставник ја отфрли информацијата дека ќе се врати во франшизата. Сепак, во јули 2023 година, извор близок до актерот изјави дека постои можност за тоа.

Брукхајмер потврди дека во моментов сè уште се работи на сценариото за новиот филм. Тој откри дека постојат два паралелни проекта – целосен „ребут“ на франшизата и посебно издание со Марго Роби, кое се развива од 2020 година. „Се надеваме дека ќе ги реализираме двата филма, а Дизни сака да го направи и оној со Марго“, рече тој.

Продуцентот истакна дека, доколку зависи од него, Деп би бил дел и од „ребут“ верзијата, бидејќи ликот на Џек Спероу е во голема мера негова креација.

„Тој го создаде Џек. Тоа не беше напишано така – тој го изгради со инспирација од Пепе Ле Пју и Кеит Ричардс“, објасни Брукхајмер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот