
Продолжи судењето против Мерко за незаконско поставување директор, одложено рочиштето за спомен-плочата
Во Основниот суд во Струга денеска продолжи судењето против градоначалникот Рамиз Мерко за незаконско поставување директор во основните училишта „Зини Хани“ во Велешта и „Браќа Миладиновци“ во Струга, како и за поставување спомен-обележје на општинската зграда.
Препорачано
Во предметот за училиштето во Велешта, исказ даде обвинетата Егзона Шеј, која во два мандата била в.д. директор. Таа изјави дека не знаела за евентуално кривично дело при нејзиното вработување и дека сама ги комплетирала документите за полагање приправнички испит. Нејзиниот адвокат оцени дека нема докази за фалсификување исправа.
Таа, како што наведе, пет години работела како професор по француски јазик, а во меѓувреме предавала и етика, поради намалениот фонд часови. Кажа дека додека работела како професор неколку пати побарала да ѝ се комплетира досието за приправник, но била одбиена од службите во училиштето, по што сама ги комплетирала документите за да полага приправнички испит.
Обвинетата кажа дека во ОУ „Зини Хани“ се вработила во март 2018 година, како апсолвент на ФОН, бидејќи имало недостаток од професор по француски и англиски јазик. Иако била одбиена од страна на училиштето за непотполна документација, Инспекторатот за образование во Струга ѝ ја прифатил жалбата и била вработена како апсолвент, бидејќи била единствена пријавена за бараното работно место. Во 2022 година станала в.д. директор во училиштето.
Во постапката за училиштето „Браќа Миладиновци“, одбраната на Мерко побара испитување на вештото лице на обвинителството, а беше сослушан техничкиот советник на одбраната.
Судското рочиште за спомен-плочата на општинската зграда беше одложено поради отсуство на застапникот на обвинението и поради тоа што се чека исход од постапката пред Вишиот управен суд. Според обвинението, со поставувањето на плочата Мерко поттикнал етничка омраза, поради што му е одземен пасошот и е задолжен еднаш неделно да се јавува во суд.
Мерко, како градоначалник на Општина Струга, минатата година, поставил спомен обележје – плоча на влезот на општинската зграда, со кое, според обвинението, поттикнал етничка омраза и раздор меѓу жителите на Струга, со што сторил кривично дело предвидено во член 27 од Законот за меморијални споменици и спомен-обележја. На предлог на обвинителството одземен му е пасошот и треба еднаш неделно да се јавува во судот.
Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко веќе се наоѓа на „црната листа“ на САД поради вмешаност во корупција.