
Притисок врз белгискиот селектор Гарсија пред дуелот со Македонија
Фудбалската јавност во Белгија го критикува изборот на селекторот Руди Гарсија во напаѓачкиот ред на „ѓаволите“ пред мечот со Македонија во Гент в петок. Гарсија е под притисок, не смее да си дозволи кикс. По овој дуел, Македонија в понеделник го пречекува Казахстан, а Белгија гостува кај Велс
Белгискиот селектор Руди Гарсија трпи критики во таа земја по објавувањето на списокот на играчи за дуелот со Македонија в петок и со Велс три дена потоа. Тоа се мечеви од Квалификациите за Мундијалот 2026. За Белгијците овие два меча се круцијални исто како и за Македонија, а Гарсија е критикуван најмногу поради изборот во напаѓачкиот дел.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Ромелу Лукаку подолго време е реконвалесцент и на него не може да се смета, а тоа е голем проблем за Гарсија во нападот. Полемики најмногу предизвика вклучувањето на напаѓачот Миши Бачуаи, иако тој одамна не е стартер во Ајнтрахт Франкфурт и не е во голгетерска форма.
Фудбалската јавност се прашува зошто на списокот на Гарсија наместо Бачуаи, не е Лука Стасен, кој игра во добра напаѓачка форма за Сент Етјен. Го нема ни Ромео Вермант од Клуб Бриж, исто така во добра напаѓачка форма. Новинарот Саша Таволиери е жесток во критиките.
– Изненаден сум што на списокот не гледам играчи кои добро се снаоѓаа во последните недели и кои го заслужија тоа. Бачуаи, од спортска гледна точка, нема смисла да биде во оваа репрезентација; помина долго време откако беше стартер за Ајнтрахт. И сепак, тој е во тимот затоа што нема да прави бранови. Ќе биде бескорисен, но главно нема да крева врева – вели новинарот.
Речиси целата фудбалска јавност во Белгија има забелешки на Гарсија.
– Го нема Вермант? Го нема Стасен? Збунет сум. Ни треба вистински центарфор… Бачуаи, секогаш е во тимот, но никогаш не игра ниедна минута – вели Филип Албер, поранешен фудбалер, а сега коментатор.
Фаворитот број еден во нашата група е поранлив одошто вообичаено, соочен со ваква атмосфера пред мечот со Македонија. Гарсија не смее да дозволи кикс.
Умут Мелер ќе го суди мечот во Гент меѓу Белгија и Македонија