pixabay

Природни методи и чаеви кои можат да ви помогнат да ги исчистите белите дробови и да си го олесните дишењето

Нашите бели дробови работат неуморно, вдишувајќи во просек помеѓу 17 и 30 илјади пати на ден за да го снабдат телото со кислород. Сепак, тие се изложени на предизвици секој ден – од загаден воздух и чад од тутун до прашина и микроорганизми. Иако имаат свои механизми за самочистење, понекогаш им е потребна поддршка, особено кога ќе се насобере слуз или по изложеност на иританси. За среќа, постојат природни методи и чаеви кои можат да ви помогнат да ги исчистите белите дробови и да го олесните дишењето.

Природни методи за чистење на белите дробови од слуз

Кога се акумулира слуз, дишењето станува тешко, а чувството на тежина во градите е непријатно. Ако сте болни, вашето тело веројатно ве принудува да кашлате за да се ослободите од слузта, но што да правите кога немате потреба да кашлате?

Ги истраживме најдобрите методи за чистење на белите дробови.

Хидратација и пареа

Внесувањето доволно течности, особено топли, е клучно за разредување на слузта. Вода, билни чаеви или бистри супи помагаат слузта да биде помалку леплива и полесна за искашлување. Она што дополнително помага е инхалацијата. Можете да се наведнете над сад со топла вода (покриен со крпа) или да користите навлажнувач на воздух, особено навечер. Топлата пареа ги навлажнува дишните патишта и го олеснува исфрлањето на секретите.

Контролирана кашлица

Кашлањето е природен рефлекс на телото за исфрлање на туѓи материи. Контролираното кашлање е техника што помага во мобилизирање на слузта од подлабоките делови на белите дробови. Сè што треба да направите е да седнете и да ги следите следните чекори:

Седнете исправено.

Вдишувајте полека низ носот.

Наведнете се напред и силно искашлајте 2-3 кратки пати, користејќи ги стомачните мускули.

Повторете 2-3 пати и направете пауза.

 

Постурална дренажа

Оваа техника ја користи гравитација за полесно исфрлањето на слузта. Лежењето во одредени положби (на грб, на страна или на стомак со кренати колкови) може да помогне слузта да тече кон поголемите дишни патишта, каде што може полесно да се искашла. А потоа само го повторувате претходниот чекор додека чувството на тежина не исчезне.

Физичка активност

Редовното вежбање ги зајакнува респираторните мускули и го подобрува капацитетот на белите дробови. За време на вежбањето, дишеме подлабоко и побрзо, што ја стимулира циркулацијата и помага да се отстрани вишокот јаглерод диоксид, но и да се мобилизира слузта. Дури и луѓето со хронични белодробни заболувања можат да имаат корист од персонализирана програма за вежбање, со претходна консултација со лекар.

Антивоспалителна диета

Воспалението на дишните патишта може да ги влоши симптомите и да го отежни дишењето. Исхраната богата со антиинфламаторни намирници може да помогне. Во вашето мени вклучете:

Бобинки (боровинки, малини)

Лиснат зелен зеленчук (спанаќ, кељ)

Куркума

Ѓумбир

Масна риба (лосос, скуша)

Ореви

Чаеви за чистење на белите дробови и полесно дишење

Многу билни чаеви традиционално се користат за ублажување на респираторните проблеми и поттикнување на искашлување. Освен што се топли течности кои ќе помогнат во разредувањето на слузта, овие пијалаци се користат во борбата против шлајмот веќе со генерации.

Чај од ѓумбир

Ѓумбирот содржи соединенија со силни антиинфламаторни ефекти кои можат да помогнат во опуштањето на дишните патишта и намалувањето на воспалението. Истото важи и за чајот од ѓумбир, кој можете да го купите во продавница или да го направите сами. Сè што ви треба е корен од ѓумбир, кој ситно ќе го исечкате, ќе го ставите во шолја топла вода, ќе го оставите да отстои 10 минути, а потоа ќе го процедите.

Зелен чај

Богат со антиоксиданси, зелениот чај може да помогне во заштитата на белодробното ткиво од оштетување и да го намали воспалението. Ова е особено добро за луѓето кои живеат во големи метрополи каде што загадувањето на воздухот е поголемо.

Студија спроведена во Јапонија, позната како Охсаки кохортна студија, покажа дека редовната консумација на зелен чај може да го намали ризикот од смрт од пневмонија кај жените.

Две шолји зелен чај дневно можат значително да ја подобрат функцијата на белите дробови.

Чај од мајчина душичка

Чајот од мајчина душичка е познат како одличен сојузник за здравјето на белите дробови, особено за воспаление. Неговите биоактивни соединенија помагаат во намалувањето на воспалението, ги релаксираат мускулите на респираторниот систем и го олеснуваат дишењето, со што се ублажува кашлицата и се поддржува нормалната функција на белите дробови.
Покрај тоа, мајчината душичка има силни антисептички и антибактериски својства кои помагаат во борбата против респираторните инфекции. Редовното консумирање на овој чај може да го зајакне имунолошкиот систем и да го забрза закрепнувањето, што го прави природна поддршка за време на болест.

Чај од еукалиптус или нане

Овие билки содржат ментол и еукалиптол кои помагаат во отворањето на дишните патишта и го олеснуваат дишењето. Нането може да ја намали иритацијата на дишните патишта, но исто така може да го поттикне побрзото заздравување на белите дробови благодарение на неговите антиинфламаторни својства. Тие често се користат и за инхалација.

Чај од кора од бела врба

Чајот од кора од бела врба традиционално се користи како природен лек за ублажување на симптомите на пневмонија. Благодарение на салицинот, соединение слично на аспиринот, има антиинфламаторно и аналгетско дејство, помагајќи при главоболки, треска и болки во мускулите. Освен што го намалува воспалението, овој чај ги смирува грлото и дишните патишта, олеснувајќи го дишењето. Неговите природни соединенија дополнително го зајакнуваат имунолошкиот систем, обезбедувајќи му на телото поддршка во борбата против инфекциите.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот