
Принцот Хари го „одврза ќесето“: Ова е најголемата поединечна донација од член на британското кралско семејство
Принцот Хари денес објави дека донира 1,1 милион фунти (околу 1,27 милиони евра) на добротворната организација „Children in Need“ на „Би-би-си“, што е една од најголемите поединечни донации на член од британското кралско семејство.
Препорачано
Објавата беше дадена за време на посетата на војводата од Сасекс на Нотингем, град во централна Англија, што беше негова прва посета на Велика Британија за пет месеци и една од неговите најзначајни посети откако ги напушти кралските должности во 2020 година, објави Ројтерс.
Парите ќе им помогнат на младите луѓе во заедниците погодени од насилство и злосторства, особено во Нотингем, соопшти организацијата „Children in Need“, која собра повеќе од милијарда фунти за поддршка на добротворни организации и проекти низ Велика Британија од 1980 година.
„Нотингем ја има мојата почит, отсекогаш ја имала, мојата посветеност и трајно место во моето срце“, рече Хари (40) за градот што тој и неговата сопруга Меган го посетија на нивниот прв официјален ангажман пред осум години.
Како што истакна, насилството што ги погодува младите луѓе, особено злосторствата со нож, продолжува да уништува животи, да ја прекинува иднината и да ги остава семејствата во жалост.
„Посветен сум на оваа работа повеќе од една деценија и, за жал, итноста на проблемот е поголема денес отколку кога првпат почнав. „Не смееме, нема и не можеме да го игнорираме ова“, рече Хари.
Иако кралските добротворни организации често даваат милиони евра, а поединци приватно поддржуваат разни акции, овие донации обично не се дискутираат јавно, соопшти агенцијата.
Покрај тоа, војводата од Сасекс денес го посети гробот на кралицата Елизабета втора по пристигнувањето во Велика Британија.
Принцот Хари слета во Лондон утрово и беше однесен во замокот Виндзор, каде што положи венец и цвеќе и оддаде приватна почит на својата покојна баба во капелата „Свети Ѓорѓи“, на третата годишнина од нејзината смрт, објавува британскиот Телеграф.
Тој мораше да побара посебна дозвола за да го посети последното почивалиште на покојната кралица, исто како и минатата година.