
Пријатни изблици на искрени чувства носи стихозбирката „Поезија“ на Љиљана Крлеска
Издавачот „Ирис“ од Струга ја објави книгата „Поезија“ од Љиљана Крлеска. Песните во книгата се распоредени во пет поетски циклуси кои почнуваат со посвета на внуците, продолжуваат со „Со балот во природата“, „Патиштата на животот“, „Религиозно наследство“ и завршуваат со „Творби од внуците“.
Препорачано
Авторката Крлеска е родена на 8 јули 1939 година во Белград. Живеела во Белград и во Охрид. Гимназија завршила во Охрид, а Филолошки факултет на УКИМ – насока Југословенска книжевност завршила во Скопје.
Била професор во ОУ „Живко Чинго“ во с. Велгошти; во ОУ „Наум Охридски“ во с. Пештани; во ОУ „Браќа Миладиновци“ во Струга; и во ЕМУЦ „Тито“ – подоцна „Наум Охридски“ во Охрид. Нејзината прва стихозбирка е со наслов „Песни“ (2021), а втората со наслов „Поезија“ (2023).
– Бев рецензент на првата книга на поетесата Љиљана Крлеска, во која е испеана нејзината мајчинска и духовна љубов кон своите деца и внуци. И во овој втор случај на издаваштво, истите чувства не само што не престанале, туку и се прошириле во многу пријатни изблици на постојано појавување љубов кон потомството, а песните се проникнати со најискрени чувства – напиша рецензентката проф. д-р Вера Стојчевска Антиќ.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 201, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 21-23.10.2023)