
Презентација на „Пресидент аудио“ во КИЦ: Враќањето на „лампашите“ не е само со носталгична природа
Осум рачно изработени лампашки аудио засилувачи на брендот „Пресидент аудио“ на 7 декември беа презентирани во Културно-информативниот центар во Скопје.
Препорачано
Технологијата е длабоко навлезена во дигиталната ера, а новите модели на дигитални алатки станаа секојдневие на секој човек. Сепак, не сите комплетно се откажале од предностите што ги нуди аналогната технологија.
Таков пример е брендот „Пресидент аудио“, кој на пазарот за аудиоопрема нуди рачно изработени засилувачи со лампи. Причината за враќањето на „лампашите“ не е само со носталгична потрага по „стариот, добар звук“, туку има и техничко објаснување зошто тие засилувачи даваат пореален звук од современите засилувачи со дигитални компоненти.
– Електронските цевки, конструирани на почетокот од дваесеттиот век, се првите елементи кои вршат засилување на електрични сигнали. Во шеесетите години диодата и транзисторот, направени од полупроводнички материјали (најчесто силициум и германиум) полека ги истиснуваат електронските цевки од употреба. Тие се физички многу помали, поевтини за изработка, трошат многу помалку енергија при работа и имаат подолг век на траење. Од тие причини до крајот на седумдесетите скоро сите електронски уреди користат полупроводници, а електронските цевки престануваат да се произведуваат и полека одат во историјата.
Во овој век електронските цевки имаат многу ограничена примена, најчесто во специфични апарати во медицината, воената индустрија, а нивната примена и ден-денес најмногу е застапена кај гитарските и хај-фај засилувачи – објаснува Владимир Симеонов, електроинженер од Скопје кој повеќе од три децении изработува и поправа гитарски засилувачи.
Со оглед на тоа што винилот повторно се враќа во мода и љубителите на плочи сакаат да слушаат оригинален звук, токму рачно изработените засилувачи на Симеонов со брендот „Пресидент аудио“ се вистински избор за „ретро сладокусците“, а некои од нив беа присутни и на презентацијата во КИЦ.
– Лампашките засилувачи ги нагласуваат парните хармоници од фреквенциите на аудио сигналот, а транзисторските – непарните хармоници. Парните хармоници звучат поубаво за човековото уво. Тие што го паметат звукот на старите дрвени радија знаат за што зборувам. Удел има и психоакустиката. Инструментите што ги слушаме со засилувач и звучници преку ушите се претвораат во сигнали кои се пренесуваат до мозокот, кој треба да препознае тон со иста фреквенција од кој инструмент е отсвирен. Докажано е дека со користење на лампашки засилувач, мозокот со помалку напор препознава кој инструмент е во прашање. Затоа при повеќечасовно внимателно слушање на неквалитетен засилувач доаѓа до замор и се губи желбата за понатамошно слушање музика – објасни Симеонов во своето гостување во „Утрински печат“.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 158, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 10-11 декември 2022)