
Превкусен десерт од Дијана Иваноска: Бомбици со марципан
Дијана Иваноска од Тетово со својот талент за комбинација на вкусови нè носи на едно исклучително гастрономско патување.
Препорачано
Дијана стои зад инстаграм-профилот „Dash of Spice“ и ни ги открива малите тајни за создавање магија од вкусови. Своите рецепти почнала да ги споделува со своите следбеници и пријатели од почетокот на пандемијата.
Талентираната Дијана денеска ни споделува рецепт за превкусен десерт – бомбици со марципан.
– Овие бомбици со марципан ги направив првпат за Бадник, како десерт за бадниковата трпеза. Ептен ми се допаднаа, морав да ги направам повторно. За внатрешноста користев готов марципан во форма на топчиња, а можете да ги најдете во маркетите – порачува Дијана.

Состојки:
– 200 грама бадеми мелени
– 10, 12 урми
– 1 лажиче ванила
– 100 мл бадемово млеко, може да употребите какво било млеко или вода
– марципан топчиња
– 200 грама темно чоколадо
– 1 лажица кокосово масло
– 50 грама сечкани бадеми (опционално)

Подготовка:
1. Исчистете ги урмите од семките и прелијте ги со врелото млеко или вода. Оставете ги околу 20 минути, да омекнат.
2. Изблендирајте ги урмите и замесете ги со мелените бадеми и ванилата. Ако смесата е сува, додајте малку од млекото во кое киснеле урмите. Смесата треба да држи форма кога ќе ја притиснете со рака.
3. Земајте по малку од смесата, притиснете ја на раката, ставете топче марципан на средината и оформете бомбица.
4. Растопете ја чоколадата на пареа со кокосовото масло. Додајте ги сечканите бадеми. Во оваа смеса валкајте ги бомбиците.
5. Оставете ги да се изладат пред послужување.
