Доналд Трамп/ Фото: Orit Ben-Ezzer/Zuma / SplashNews.com / Splash / Profimedia

Претставничкиот дом на САД ги објави даночните пријави на Трамп

Комитетот за буџетни расходи на Претставничкиот дом денеска ги објави даночните пријави на поранешниот претседател Доналд Трамп од 2015 до 2020 година.

Ова е завршница по повеќегодишните напори на експретседателот да спречи обнародување на неговите даноци.

Комитетот, предводен од демократи, минатата недела изгласа обнародување на даночните пријави на Трамп во две редактирани верзии, поради некои лични чувствителни информации, како што се броевите на социјалното осигурување и банкарските сметки. Една е од Комитетот, а друга од заедничкиот Комитет за оданочување, со напомена дека американската Управа за јавни приходи (ИРС) не вршела ревизија на даноците на Трамп во првите две години од неговото претседателствување.

Чекорот да се објават даноците на Трамп доаѓа кратко време пред Претставничкиот дом да биде преземен од страна на републиканците идната недела.

Од Комитетот за оданочување соопштија дека поранешниот претседател воопшто не плаќал даноци во 2020, неговата последна година од претседателскиот мандат. Во 2017 година Трамп платил вкупно 750 долари данок на доход, додека за 2018 и 2019 година платил вкупно 1.1 милион долари данок на доход.

Даночните пријави за шест години на поранешниот претседател се достапни на веб-страницата на Претставичкиот дом на САД. Содржани се повеќе компаниски ентитети, но не сите.

Во објавата се вели дека Трамп бил поврзан со повеќе од 400 разни ентитети вклучително и добротворни организации и фондации, корпорации со ограничена одговорност и партнерства.

Во наредниот период даночни експерти и аналитичари ќе го проверуваат обемниот достапен материјал каде се очекува да се дознае како поранешниот претседател избегнувал да плаќа даноци на своите милионски приходи. Ова исто така има дополнително значење сега кога Трамп започна кампања за Белата куќа во 2024 година.

Даночните пријави ќе понудат и многу појасна слика за неговите финансии додека беше претседател.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот