
Претставата „Ало! Ало!“ на Театар Комедија, прилепската „Дупло дно“ и независната „Кенди“ се на програмата на МТФ „Војдан Чернодрински“
Огромен интерес владее за изведбата на претставата „Ало! Ало!“ во режија на Синиша Евтимов на Театар „Комедија“, која на 11 јуни е во вечерната програма на 58. МТФ „Војдан Чернодрински“. Изведбата на претставата ќе се одржи на сцената на НУ Центар за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.
Препорачано
„Ало! Ало!“ е духовита пародија на историските случувања и на човековите слабости во обидот да се сочува главата во налетот на насилството. Дејството е сместено во скопската кафеана „Кај Јорго“, во окупираното Скопје за време на Втората светска војна. „Кај Јорго“ е сврталиште на високите претставници на фашистичкиот окупатор во Скопје и на членовите на Отпорот, а сопственикот на кафеаната, Јорго, се труди да ги „менаџира“ односите со двете страни и да се одржи жив среде војната. Хуморот во претставата го формираат многубројни зборовни игри, двосмислености, каламбури, јазични сплетки и сатиризирање на различни стереотипи и клишеа поврзани со минатото, но и со сегашноста во Македонија.
Улогите ги толкуваат Атанас Атанасовски, Жаклина Петровска, Валентин Костадиновски, Асен Алберто, Сергеј Димоски, Тони Денковски, Виктор Арсов, Јаков Спасов, Столе Мицов, Илија Илиоски, Наталија Теодосиева, Маја Љутков, Елена Кузманов, Григор Јовановски и Стефан Николовски.
Во 22 часот на својата матична сцена ќе биде изведена претставата „Дупло дно“ од Горан Стефановски, во режија на Наташа Поплавска. Играат: Катерина Чакмакоска-Клинческа (Кристина), Даниела Иваноска (Параскева), Димитар Ѓорѓиевски (Божо), Игор Трпчески (Јаков), Зоран Иваноски (Лудакот) и Михајло Миленкоски (Нове).
На полноќ на сцената „105“ во Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе гостува Театар „Златен Елец“ со претставата „Кенди“. Улогите ги толкуваат Бобан Алексоски и Лео Поповиќ.
Во рамките на дневната програма на фестивалот беше промовирана монографијата посветена на 75 години Кумановски театар. Веднаш потоа се одржа тркалезна маса со екипата од битолскиот театар за претставата „На дното“ во режија на Ќендрим Ријани. Актерите Иван Јерчиќ, Илина Чоревска и Никола Стефанов придружени од драматургот Билјана Крајчевска разменија импресии околу изведбата на претставата на МТФ „Војдан Чернодрински“ со присутните новинари и фестивалски гости.

На фестивалот во тек е работилницата за млади новинари што ја реализира порталот „Умно.мк“. Низ програмата на фестивалот младите ентузијасти учат како да известуваат од театарски фестивал. Исто така, со млади работеше и Александар Ношпал на тема костимографија.
Во придружнаа програма на фестивалот беа промовирани нови драми од мрежата „Еуродрам“, а професорот Иван Додовски им ги врачи наградите на драматурзите Ана Ристоска Трпеноска и Ева Камчевска.