Претседателските избори ќе ги „чуваат“ 140 набљудувачи

Избори / Фото: ,,Слободен печат''- Драган Митрески

Вкупно 140 домашни и странски набљудувачи се пријавени да ги набљудуваат претседателските избори, чиј прв круг ќе се одржи следната среда, на 24 април, а пријавувањето за набљудување на парламентарните избори што ќе се одржат на 8 мај сè уште е во тек и според роковникот на Државната изборна комисија ќе трае до 27 април. Овој број набљудувачи е значително помал од претходните претседателски избори во 2019 година, кога беа пријавени 3.094 домашни и 419 странски набљудувачи. Барање за стекнување својство на набљудувач може да поднесат домашни здруженија и странски организации, меѓународни организации и претставници на странски земји.

Од ДИК велат дека заклучно со 11 април, за претседателските избори се акредитирани вкупно 140 набљудувачи, од кои 110 се меѓународни, еден странски новинар и 29 домашни набљудувачи. За парламентарните избори се акредитирани вкупно 139 набљудувачи, од кои 109 се меѓународни, еден странски новинар и 29 домашни набљудувачи.

– Напоменуваме дека во моментов сè уште се обработуваат доставени барања за акредитации кои ќе бидат предмет на потврдување на наредните седници на Државната изборна комисија. Во врска со споредбата на бројот на набљудувачите со последните претседателски избори, ве информираме дека сè уште не е завршен процесот на потврдување на акредитациите за претседателските избори, со оглед на тоа дека барањата се доставени последниве денови – велат од ДИК.

Според роковникот на ДИК за претседателските избори, пријавувањето на набљудувачите за претседателските избори траеше од 14 февруари до 13 април.

Според досегашните соопштенија на изборната комисија, по доставените барања за акредитација на набљудувачи за претседателските и за парламентарните избори овластувања за набљудување им се издадени на амбасадите на Унгарија, Холандија, Албанија, Црна Гора, потоа на Канцеларијата за демократски институции и човекови права при ОБСЕ/ОДИХР, на Централната изборна комисија на Косово, Центарот за континуирани обуки во избори од Молдавија, Центарот за безбедносни истражувања итн.

– Ќе бидат издадени беџови за секој акредитиран набљудувач што ќе мора да го почитува Кодексот за правилата на набљудување на изборите и изборната постапка на домашни и странски набљудувачи, донесен од Државната изборна комисија – соопштија од ДИК.

Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР неодамна соопшти дека претстојните избори ќе ги набљудува со 20 долгорочни и 300 краткорочни набљудувачи. Шефицата на набљудувачката мисија Џилијан Стирк тогаш рече дека ОДИХР работи во согласност со востановена методологија за набљудување избори, целосно се непристрасни и своите оценки ги заснова на факти.

– Во рамките на мисијата ќе се направи процена дали изборите се во согласност со заложбите кон ОБСЕ и други меѓународни обврски, како и со националното законодавство. Имаме клучен тим од 12 меѓународни експерти. Станува збор за многу разнообразна група. Ќе бидеме во земјата и за претседателските избори и за парламентарните избори и ќе заминеме на 19 мај – рече амбасадорката Стирк.

Според неа, бројот на набљудувачи е голем, затоа што во ист ден, на 8 мај, ќе се одржат два изборни процеса.

Покрај главниот тим на ОБСЕ/ОДИХР, групата од 20 долгорочни набљудувачи ќе бидат распоредени во тимови од по двајца во девет града – Тетово, Охрид, Битола, Прилеп, Струмица, Кочани, Куманово и во Штип, а два тима ќе има во главниот град Скопје. Непосредно пред изборите во Македонија ќе пристигнат и 300 краткорочни набљудувачи, кои ќе ги посетуваат избирачките места и ќе ги набљудуваат избирачите, процесот на пребројување на гласовите и сумирањето на резултатите. Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР ќе ги следи и медиумите во врска со изборниот процес.

Минатиот месец ДИК и Меѓународната фондација за изборни системи ИФЕС одржаа обука на граѓанските организации за набљудување на претстојните избори на кои тие се запознаа со правата и одговорностите што ги имаат согласно Изборниот закон, односно со правилата за набљудување и со стручните и технички можности на изборниот процес.

– Со примена на интерактивна методологија лицата кои ја посетија работилницата симулираа процес на набљудување и практично се соочија со ситуации кои се случуваат на денот на изборите. На тој начин, потенцијалните набљудувачи на изборите се стекнаа со познавања во областа, ги унапредија своите знаења и вештини и добија одговори на сите прашања. Дел од сесијата беше наменет за тоа кој дел од изборниот процес се набљудува од страна на акредитираните набљудувачи, како се евидентираат евентуалните забелешки кои набљудувачите ги стекнале на избирачките места и како за истите се известува по завршување на изборите – информираа тогаш од ДИК.

Државната изборна комисија донесе и Упатство за набљудување на изборите и изборната постапка, како и Кодекс за набљудување на изборите кои се функција да се подобри интегритетот и транспарентноста на изборниот процес.

Парламентарните избори во пандемиската 2020 година ги следеа вкупно 2.717 домашни и странски набљудувачи, преведувачи и новинари. Во ДИК беа акредитирани 2.508 домашни и 98 меѓународни набљудувачи, а другите беа од Делегацијата на ЕУ и од странските амбасади. За следење на тие парламентарни избори беа пријавени и 55 странски новинари од 15 редакции.

Претходните парламентарни избори, во 2016 година, пак, беа со рекорден број на набљудувачи поради долготрајната политичка криза – 7.585 домашни набљудувачи, 667 странски набљудувачи и 75 странски новинари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот