
Претседателот на Судски одлучи да не даде изјава и покрај најавите на власта за расчистување во правосудството
Претседателот на Судски совет Александар Камбовски смета дека не треба да даде изјава за јавноста и покрај речиси секојдневните најави на премиерот Христијан Мицкоски дека по локалните избори ќе расчистува со корумпираните судии и обвинители, кои ги нарекува „последен бастион на криминалот на државата“, но и неговиот став дека судиите и обвинителите не ја заслужуваат ниту платата што ја добиваат и не треба да им се покачуваат платите иако тоа го бара Европската комисија во реформските закони за правосудството.
Препорачано
Новинарот „Слободен печат“ го повика претседателот на Советот да даде изјава за јавноста пред да биде затворена денешната седница за јавноста, но тој одлучи да не даде изјава со образложение дека не може да ја прекине седницата, иако ова е прва седница откако премиерот беше дециден дека судиите не заслужуваат да добијат покачување на платите.
Ставот на Мицкоски е дека во реформските закони нема ништо страшно реформски за правосудството. – Со други зборови, бараат пари од Европската Унија, односно да бидат зголемени платите на оние што кај граѓаните уживаат 2 проценти доверба – рече тој.
По оваа изјава Судскиот совет излезе со соопштение и укажа дека судската власт како една од трите власти е самостојна и независна и секое мешање од другите власти може да биде опасно за демократијата и владеењето на правото.
– Судскиот совет не се впушта во коментирање и оценка на предизборни програми и ветувања на која било политичка партија, затоа што тоа е крајно несоодветно. Единствено Судскиот совет укажува дека судската власт како една од трите власти, а не трета власт, е самостојна и независна. Овој факт не го користиме како флоскула и одбранбен механизам. Мора да биде јасно и сите да бидат свесни дека секое мешање во судството и генерално во судската власт на кој било од носителите на другите две власти, носи со себе сериозна опасност за едно демократско општество, правната сигурност и владеењето на правото како вредности, стандарди и врвни приоритети кон кои како држава се стремиме на патот кон ЕУ – изјавија од Судскиот совет.
На вчерашниот митинг од Струга Мицкоски уште еднаш повтори дека по локалните избори има намера да се занимавам со корупцијата во судството и обвинителството.
– Тоа им е последното танго за спас на нивните кариери и шанса да одбегнат одговорност. Од месечинаta се гледа дека последниот бастион на криминалот во државата стана судството и обвинителството, кое ги штитат СДСМ и ДУИ, како бели мечки. Нема ниту еден случај во институциите, кој што сме го предочиле, обезбедиле докази, а да заврши со обвинителен акт за било кој поранешен висок функционер. А случаи има колку сакате, само недостасува волја. Во судовите и обвинителствата главни се аргатите на СДСМ и ДУИ. Тоа е нивната задача да ги штитат – порача Мицкоски.
Освен тоа што Судски има надлежност да ги избира и разрешува судиите една од неговите надлежности е да се грижи за угледот на судиите и довербата на граѓаните во судството.