Врачувањето на признанието „Златен објектив“ се одржа на 29 април во киносалата на Кинотеката

Престижното признание „Златен објектив“ во Кинотеката му беше врачено на мајсторот на светло Петар Богоевски

Крајот на април во Кинотеката секоја година е резервиран за доделувањето на „Златен објектив“. Ова признание Кинотеката го доделува на филмски автори и културни работници кои преку својот професионален ангажман придонеле во создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.

Признанието „Златен објектив“ традиционално се доделува на 29-ти април, бидејќи на тој датум во 1974 година е објавен Законот за формирање на Кинотека во „Службен весник“, како институција од општ интерес за Републиката, со задача да прибира, обработува, чува, заштитува и презентира филмови и филмски материјали од посебно уметничко, културно, научно, историско и друго општествено значење.

Со одлука на Управниот одбор на Кинотеката, годинашниот „Златен објектив“ му беше врачен на Петар Богоевски, светло-мајстор, кој со својот децениски ангажман, работејќи со своите колеги директори на фотографија и камермани, придонел во визуелизацијата на режисерските замисли.

Петар Богоевски

Петар Богоевски (1952) професионално се посветил на филмот во 1970-тите години, најпрвин како светло-мајстор во тогашната Телевизија Скопје (Македонска телевизија), за веќе во 1976 година да се приклучи на екипата во „Вардар филм“, каде што го минува сиот свој работен век, инволвиран во проекти од секакви филмски родови и жанрови.

Работел речиси на сите играни филмови снимени од 1980 до 2010 година, со режисерите Кирил Ценевски, Бранко Гапо, Столе Попов, Милчо Манчевски, Стево Црвенковски, Димитрие Османли, Дарко Митревски, Антонио Митриќески, Владимир Блажевски, Светозар Ристовски и други на играни филмови како „Оловната бригада“ и „Време, води“ (1980), „Среќна нова ’49“ (1986), „Тетовирање“ (1991), „Пред дождот“ (1994), „Балканкан“ и „Илузија“ (2004), „Контакт“ (2005), „Тајната книга“ (2006), како и на голем број документарни и краткометражни играни филмови. Во својата 40-годишна професионална кариера работел на околу 80 филмски остварувања.

Досегашни добитници на признанието „Златен објектив“ се режисерите Столе Попов, Бранко Гапо, Трајче Попов, Кирил Ценевски, Коле Ангеловки, Мето Петровски и Коле Манев, тонскиот снимател Глигор Паковски, аниматорите Дарко Марковиќ и Тонкица Митревска, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, филмскиот работник Коста Крпач, продуцентот Панта Мижимаков, филмските критичари Илинденка Петрушева и Благоја Куноски-Доре, монтажерите Димитар Грбевски, Олга Лукова-Дончиќ и Спасе Тасески, костимографите Елена Дончева и Зорка Тодорова-Младеновиќ, како и композиторот Љупчо Константинов.

Признанието „Златен објектив“ на Петар Богоевски му го врачи Бошко Грујоски, директор на Кинотеката

Признанието „Златен објектив“ на Петар Богоевски му го врачи актуелниот директор на Кинотеката, Бошко Грујоски, додека филмографска белешка за работата на светло-мајсторот подготви филмологот Арсим Лесковица.

– Кога зборуваме за филмското осветлување во македонската кинематографија едно име се издигнува како синоним за професионализам, искуство и тишина што зборува преку светлина – Петар Богоевски. Секој филм на кој работел Богоевски носи нешто свое – свој здив, своја светлина, своја сенка. Неговата работа не е само техничка, таа е и поетска, зашто само некој кој ја чувствува сцената пред да се сними знае како таа треба да изгледа. Тој стоел зад камерите на некои од најзначајните филмови во нашата кинематографија не за да биде забележан, туку за да го направи видливо она што режисерот го замислувал, а актерот го носел во очите и на лицето. Светлината што ја поставувал тој не ја учевме од книги, туку ја паметиме преку емоции – рече Лесковица.

Признанието „Златен објектив“ не оди само кај човек кој знае како да работи со рефлектори, туку оди кај човек кој умее да се справи со времето, со чувствата, со тишината помеѓу два дијалога. Оди кај човек кој над 40 години го обликува просторот помеѓу камерата и глумецот не оставајќи зад себе бучава, туку блескави траги. На тој начин тој светлината ја претвори во тивка поезија, а сенката во сила на приказната, заклучи Лесковица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот