Рисима Рисимкин - Витез на уметностите и книжевноста на Франција / Фотографија: Драган Перковски

Престижно одликување за кореографката Рисима Рисимкин – Витез на уметностите и книжевноста на Франција

Францускиот амбасадор Н.Е. г-дин Кристоф Ле Риголер, на 27 февруари во неговата резиденција во Скопје, имаше пријатна должност за првпат во својата дипломатска кариера да додели престижно одликување од областа на уметноста – Витез на уметностите и книжевноста на Франција.

Добитничка на одликувањето е македонската балетска уметница, кореографка и професорка Рисима Рисимкин. Одликувањето го доделува француското министерство за култура, а изборот на Рисима Рисимкин е базиран на многугодишната поврзаност и соработка со француски уметници и институции.

Рисимкин е една од водечките кореографки во земјава, Декан на Филмската академија и професорка на Катедрата за современ танц при универзитетот „Гоце Делчев“. Основач е на културниот центар „Интерарт“, на Скопје танцовиот театар, а 20 години беше уметнички директор на „Танц фест Скопје“.

Во 2022 година, таа имаше историско гостување и претставување на Скопје танцовиот театар на една од најзначајните светски сцени, Националниот театар за современ танц „Шајо“ во Париз, Франција, каде критиката ја оцени нејзината претстава „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ како брилијантна.

Рисима Рисимкин и амбасадорот Кристоф Ле Риголер / Фотографија: Драган Перковски

Своето обраќање на свечената церемонија во резиденцијата на амбасадорот Ле Риголер Рисимкин го почна со стихови од извонредниот поет Ив Бонфоа, со кого имала чест да се сретне во живо во 1999 година, кога работела кореографија врз неговата поезија и, на некој начин, неговите стихови станале парадигма на нејзиниот уметнички пат.

– Од најмали нозе танцував и секогаш сакав да го освојам светот, да одам во Париз, а слободарските идеји на Француската револуција, кои ми ги пренесе мојот татко, сликарот Трајко Матевски Рисимкин, „Liberté, Égalité, Fraternité“, засекогаш се врежани во моето постоење, како подлога врз која човекот треба да живее. Креацијата беше и сѐ уште ѐ постојан дел од мојот живот, чија цел е да ја издигнам танцовата уметност и да ја промовирам не само дома, туку и посебно надвор.

Историското гостување, кое го остварив со танчерите на Скопје танцовиот театар во Националниот театар за современ танц „Шајо“ во Франција, беше врв на мојата уметничка кариера, остварување на мојот долгогодишен сон и огромно признание за мојата кореографска работа. Како што е и ова признание…

Врските со француските уметници секогаш биле извонредни, а Франција, како колевка на уметноста и на креативните иновации, за мене била една од најпрестижните земји во кои сум сакала да бидам присутна на уметничката сцена, што и го остварив. Да се биде Витез на уметностите и книжевноста на Франција, за мене е голема чест и признание и чувствувам радост и воодушевеност!

Огромна благодарност до Француската амбасада, Францускиот институт и Франција! Ви благодарам, Ваша Екселенцијо, господине амбасадоре! Ви благодарам господине Бранко Чобанов, за долгогодишната, прекрасна соработка, како и на целиот персонал со кој соработував низ годините – со видна возбуда рече Рисима Рисимкин.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 270, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 1-2.3.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот