
Преплет на книжевноста и филмот прави режисерката Ана Опачиќ со книгата „Авторските политики во филмските адаптации“
Докторската дисертација објавена во книгата со наслов „Авторските политики во филмските адаптации“ на Ана Опачиќ истражува две уметности: книжевноста и филмот.
Препорачано
Во книгата се разгледани три канонски филмови и три книжевни дела: новелата „Смрт во Венеција“ на Томас Ман во режија на Лукино Висконти (1971), недовршената драма „Војцек“ на Георг Бихнер во режија на Вернер Херцог (1979) и фрагментарната поезија на Арсениј Тарковски во филмот „Огледало“ на Андреј Тарковски (1975).
Два од овие филма, поради својата содржина се, сѐ уште, актуелни и во денешен контекст („Смрт во Венеција“ и „Војцек“). Третиот филм е избран поради својата фрагментарна, нелинеарна филмска структура и исклучително ретката појава на адаптирањето поезија, со што се издвојува од други класични филмови.
– Авторката во книгата комбинира историски приказ со теоретски синтези и со истражувања врз конкретни одбрани случаи (филмови и режисери). Во нејзиниот дискурс се испреплетуваат книжевна историја и теорија со историја и теорија на филмот, а без задршка се детализира и биографскиот приказ на шесте главни творечки личности што се разгледуваат (тројца писатели и тројца режисери), кои се поставени на фонот на општествениот контекст во кој се појавиле, како и врз фонот на филмските струења и тенденции (групи, списанија, стилски формации) од чие милје произлегуваат како творци. Методолошки анализите и синтезите се потврдуваат со „блиско читање“ на книжевните и филмските дела, односно со расчленување на книжевното толкување и на филмските елементи на одбраните филмски адаптации – истакнува рецензентката Соња Стојменска-Елзесер.

Промоцијата на книгата се одржа на 3 декември во Кинотеката на Македонија, а промотори беа писателот Александар Прокопиев и Ивица Димитријевиќ, актер и режисер.
Книгата на Ана Опачиќ укажува на значајноста и популарноста на филмската адаптација на книжевното дело, посебно ако се има предвид дека огромен процент од филмската индустрија се базира врз адаптации на книжевни предлошки.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 259, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 7-9.12.2024)