
Пренџов: Да видиме кој сè бил таргет на следење, надзорот на никого не му штети, тоа е здраво за демократијата
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов вели дека е важно да се види што се случувало во Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и кој сè бил таргет на следење во периодот кога партијата чиј член е беше во опозиција.
Препорачано
Тој ја даде изјавата пред влегувањето во АНБ, со уште неколкумина пратеници, за да извршат надзор по наводите дека во Агенцијата имало незаконско, неетичко и непрофесионално постапување од страна на поранешен директор на оваа институција и група вработени.
„Да видиме кој и колку бил таргет, да видиме кои мерки биле користени против тогашната опозиција, да видиме што е испратено до Обвинителството на Република Македонија и конечно овие институции да ги решат овие работи за повеќе никогаш да не ни се случуваат во рамки на македонското општество, бидејќи сметам дека службите треба да бидат чувари на државата, а не генератор на кризи во државата“, рече Пренџов.
Тој не одговори на прашањето во врска со барањата на опозицијата за декласификација на документите.
Пренџов беше прашан зошто Комисијата не побарала надворешни експерти за увидот, бидејќи има системи за кои тие немаат стручно познавање а тој одговори дека покарј Комисијата за надзор над работата на АНБР и АР во Собранието има уште една Комисија за надзор на комуникациите, која, како што рече, доколку е потребно може да се вклучи.
„Ве уверувам дека доколку ние увидиме и други работи таа Комисија ќе се вклучи и е добредојдена. Надзорот на никого не му штети, надзорот е добар, тоа е здраво за демократијата, бидејќи секој од нас кој е јавна личност, јавен функционер што зема народни пари е должен да биде транспарентен и да работи согласно законот“, нагласи Пренџов.
Пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска пак рече дека не знае дали Агенцијата за национална безбедност ќе има слух да изврши деласификација или делумна декласификација, што според неа е во интерес на јавноста. Таа меѓудругото праша што се случило со шефот на внатрешната контрола и зошто бил сменет.