
Премиерот 17 пати се жалел на суд дека го наклеветиле
Христијан Мицкоски од 2017 до 2024 година поднел вкупно 17 тужби за утврдување одговорност за навреда и клевета, ни одговорија од Граѓанскиот суд. Лично поднел 11 тужби, додека во другите постапки е во својство на законски застапник на ВМРО-ДПМНЕ.
Лагите ќе паднат, вистината победува. Вака премиерот Христијан Мицкоски јавно триумфираше, откако Граѓанскиот суд во Скопје донесе пресуда со која се утврдува дека поранешната министерка и сегашна пратеничка од СДСМ Славјанка Петровска наводно ширела лаги и клевети против него. Иако Мицкоски објави дека пресудата веќе има правна сила, сепак, одлуката на Граѓанскиот суд не е правосилна.
Препорачано
Петровска ќе поднесе жалба на оваа судска одлука до Апелација, а на премиерот му порача:
„Премиере, само да напоменеме, не се појавивте на суд и спорот заврши во едно рочиште. Прв меѓу еднаквите. Среќна 1949 година“.
Судот ја нема објавено пресудата, бидејќи не била правосилна, па јавноста не може да го види образложението зошто судот одлучил дека Петровска го наклеветила. Таа на социјалните мрежи објави фотографија на Мицкоски со Борис Мутков – Фантом и напиша:
„Утрово ново убиство, нова пресметка. Додека Мицковски се фотографира и се смешка, пукање и мафијашки престрелки на секој чекор. Лично Мицковски стои и ги одобрува овие мафијашки престрелки, затоа и одбра вчера на големиот христијански празник Преображение, пред Божји храм да се фотографира со Борис Мутков – Фантом, познат лик на скопското подземје“.
Апелација потврди дека Мицкоски бил навреден и клеветен од СДСМ
Милионските суми што на суд ги бараше поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков од медиумите или од опозицијата ако го споменеше неговото име, заминаа во историјата со измени на закони, но политичарите не престанаа со тужбите, најмногу против политичките противници.
Така, Мицкоски, кој стана лидер на ВМРО-ДПМНЕ во 2017 година, веќе следната година почнал да поднесува тужби за клевета и до 2024 година поднел вкупно 17 тужби за утврдување одговорност за навреда и клевета. Ова произлегува од одговорот што го добивме од Граѓанскиот суд. Лично поднел 11 тужби, додека во другите постапки е во својство на законски застапник на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.
– Според податоците во АКМИС-системот што се користи во судовите, Христијан Мицкоски има поднесено вкупно 17 тужби за утврдување на граѓанска одговорност за навреда и клевета до Основниот граѓански суд Скопје, во периодот од 2018, заклучно со 2024 година, при што се оформени предмети и се со следниот статус: архивирани – пет предмети, за правосилност – четири предмети, примени – три предмети, укинати – еден предмет, по жалба – четири предмети – велат од Граѓанскиот суд.
Пет тужби против партии
Оттаму ни ги доставија имињата против кои лично Мицкоски поднел тужби, но не и во име на партијата. Од 11-те поднесени тужби, речиси сите се против опозициски партии, против функционери од противничките партии, но и против неколку медиуми.
Славјанка Петровска ширела лаги против Мицкоски, судот наложи да му се извини
Првата тужба ја поднел против поранешниот директор на АД ЕЛЕМ, Драган Миновски, кој беше директор на ова јавно претпријатие во време на СДСМ и кој го обвини Мицкоски за договори во четири очи кои, наводно, ги склучил лидерот на ВМРО ДПМНЕ, веднаш кога дошол на позицијата директор.
Според изјавата на Миновски, Мицкоски склучил два договора со непосредна спогодба со компаниите „Пелистер“ и „Марковски“, и двата во вредност од 10,5 милиони евра. Сепак Мицкоски ја изгуби тужбата со која бараше 10 илјади евра како надоместок на штета. Скопска Апелација ја потврдила првостепената пресуда, со образложение дека претходно со партиски соопштенија во јавноста била отворена поширока јавна дебата за темата, а Миновски ги изнел сомнежите на прес-конференцијата врз основа на документи.
Пет од тужбите се против опозициски политички партии, односно лидери – три против СДСМ, една против Левица и една против лидерот на Интегра, Љупчо Ристовски. За тужбите добиени против СДСМ, Мицкоски изјавуваше дека тие често се служат со лажни вести и дека тоа го потврдуваат дури и „партизираните и октроирани судови во Македонија“.
– Ова е втора или трета по ред тужба, бидејќи одлучив дека секогаш кога ќе обидат да клеветат и да нанесат штета на достоинството мое лично и на ВМРО-ДПМНЕ, да поднесам тужба каде тие сега се осудени дека клеветеле без аргументи, односно дека емитувале лажни вести поврзани со мене – велеше Мицкоски.
Една од тужбите што ја доби и за која бараше едно евро беше за објава на Фејсбук-страницата на СДСМ, а Мицкоски се навредил затоа што било објавено дека „антизападниот пион Христијан Мицкоски е продолжена рака на криминалецот Никола Груевски“. За пресудата СДСМ треба да му плати на Мицкоски едно евро, колку што барал како оштета, но и трошоците за постапката.
Мицкоски ја добил тужбата и против Ристовски поради изјави дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го продал името и бил уценет.
„Во клучни историски моменти, ВМРО-ДПМНЕ и лидерството на ВМРО-ДПМНЕ беше против македонските национални интереси. Народот беше против референдум, а Мицкоски остави слобода да се изјаснат Заев кој побара референдум, го доби од Мицкоски“, е една од изјавите на Ристовски, со која го наклеветил и судот го задолжил да ја објави пресудата во весник, како и да му ги плати трошоците во износ од 33.927 денари.
Адвокатот Тошковски го бранеше Мицкоски
Тужбата што ја поднесе против Левица, а пред судот го бранеше сегашниот министер за внатрешни работи Панче Тошковски, се однесуваше на обвинувањата на партијата дека фирми поврзани со Мицкоски и поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев добивале нелегални тендери од Општината Кисела Вода. Оваа пресуда не е правосилна, бидејќи Тошковски поднел жалба до Апелацискиот суд.
Другите тужби се против активистот Џабир Дерала – две тужби, една против порталот „24 инфо“ и една против компанија, поврзана со порталот Бриф. Против Дерала и „Бриф“ Мицкоски ги доби тужбите, а од порталот „24 инфо“ се извиниле. Останатите тужби ги има поднесено во својство на законски застапник на ВМРО-ДПМНЕ.
И Тошковски поднесе тужба против актуелниот градоначалник на Струмица Костадин Костадинов, додека пратеничката Славјанка Петровска го тужеше пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки, но случајот е сè уште пред Апелацискиот суд.
Во Граѓанскиот суд одеше и поранешниот премиер Зоран Заев, но немаше поднесено тужби колку Мицкоски. Од попознатите негови тужби се против поранешниот премиер Никола Груевски, пратеникот Александар Николоски и Зоран Божиновски.