
Преговорите не се блокирани, тие никогаш не ни започнаа поради СДСМ и ДУИ, Муцунски му врати на Филипче
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски реагира на изјавата на лидерот на СДСМ Венко Филипче, кој рече дека Владата само наоѓа изговори и упорно се држи до ставот да не се водат преговори со ЕУ.
Препорачано
Според Муцуснки, „вистината е тажна и едноставна – благодарение на СДСМ и ДУИ, преговорите не можат да бидат блокирани, затоа што никогаш и не започнаа“.
„Од нас нема да слушнете големи зборови без покритие и празни чекори во сегашноста. Нашата задача не е да нудиме изговори, туку резултати. Затоа ја движиме државата напред – таму каде што ѝ припаѓа: во Европа. И тоа не е слоган, туку реалност што ја градиме преку конкретни проекти: бесплатен роаминг за нашите граѓани во ЕУ, зелени ленти за нашите превозници, пристап до европскиот единствен систем за плаќање, партнерство во безбедноста и одбраната со ЕУ. Тоа се вистински реформи, а не празни флоскули.
Оттука, Венко е во право: зборувам и работам и за поевтин роаминг за македонските граѓани. Но зборувам и за зачуван идентитет, достоинство и гордост. И да, не зборувам за виткање кичма, за администратори, за договори под маса, за прифаќање уцени или ултиматуми, како што тие го правеа тоа. Тука има разлика – и граѓаните ја гледаат таа разлика“ напиша Муцунски на Фејсбук.
Тој ја повика опозицијата да дејствува рационално и разумно. Да не штети на европскиот процес, туку да помогне преку реформите дома.
„Затоа што ова не е борба за лични или партиски интереси. Ова е борба за граѓаните, за државата, за иднината. И ќе напредуваме само ако сите заедно ги ставиме државните пред партиските интереси“ порача шефот на македонската дипломатија.
Претходно Филипче ја обвини владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ дека ветувала подобри преговарачки позиции со ЕУ, но не кажала дека преговорите ќе запрат, оценувајќи дека процесот е практично блокиран и дека нема напредок ниту во реформската агенда ниту во уставните измени.