Протест на студентите пред Собрание/Фото: Слободен печат/Мето Здравев

Предлогот за повисок износ за студентски оброк не помина во Собранието

Пратениците во собраниската Комисија за финансирање и буџет не ги прифатија двата амандмани со кои се предлагаше износот за субвенционираниот студентски оброк да се зголеми од 120 на 160 денари и да се исплаќа до крајот на учебната 2022/23 година.

На денешната седница Комисијата го разгледа Предлог-законот за изменување на Законот за субвенциониран студентски оброк, по скратена постапка, со кој се предвидува до 15 март идната година на секој студент во државата да му се исплаќаат по 120 денари за оброк или 2.400 денари месечно. Сега предлогот е проследен на натамошна постапка во Собранието.

Преодното решение предвидува исплатата на субвенционираниот студентски оброк со истите услови како и досега, со траење до март 2023 година. Потоа ќе треба да се донесе нов закон.

Студентите треба да добијат посебни платежни картички кои ќе можат да ги користат само за студентски оброк во одредени локали. Ќе има ретроактивна исплата на субвенција за студентски оброк од 15 септември до сега, а ќе бидат вклучени и новозапишаните студенти.

Од опозицијата обвинија дека со новото законско решение се изигруваат студентите со кои на средбите во Собранието било договорено, како што кажаа, субвенционираниот студентски оброк да биде 140 денари.

Попладневно претставници на универзитетските студентски собранија заедно со новоформираното движење Студентски отпор на Светскиот ден на студентите маршираа од пред Владата до Министерството за образование и наука (МОН).

Студентите бараат повеќе пари за студентски оброк, квалитетно образование, подобри услови во домовите, поголеми стипендии…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот