Комисиска расправа за буџетот во Собрание / Фото: Слободен печат, Слободан Ѓуриќ

Предлог-буџет за 2025: Владата ги зголеми платите во здравството, образованието, опозицијата бара да се скратат договорните услуги

По амандманската расправа Владата за неколку денови ќе треба да ги направи соодветните измени во буџетот, за тој конечно да биде изгласан од пратениците кон средината на декември

Стотици милиони евра тежат повеќе од 200 амандмани што опозицијата ги поднесе на буџетот за 2025 година. Расправата за нив почна вчера, а ќе трае најдоцна до 30 ноември кога е краен рок за завршување на првата фаза од донесувањето на буџетот. По амандманската расправа Владата за неколку денови ќе треба да ги направи соодветните измени во буџетот, за тој конечно да биде изгласан од пратениците кон средината на декември.

Расправата почна со одбивање на амандманот поднесен од СДСМ со кој се бараат 3,5 милијарди денари за зголемување на платите во јавниот сектор. Според пратеничката Даниела Николова, со овој амандман сакале да покажат дека работниците се во нивниот фокус.

Николче Јанкуловски, заменик-министер за финансии, го образложи одбивањето со информацијата дека како што ќе има раст на пензиите, ќе има и раст на минималната плата, а веќе пораснаа платите во здравството, образованието, одбраната.
Вклучувајќи се во расправата, Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ потсети дека пред да влезат во салата, ја слушнале најрадосната вест за покачување на платите на здравствените работници за 10 отсто до крајот на годината. Истото тоа го добија и наставниците.

– Ќе го одбиеме амандманот, оти тој што ви го подготвувал, ја згрешил математиката. Ако го прифатиме наместо 10 милијарди денари, ќе има само 3 милијарди денари за зголемување на платите – додаде Стојановски.

Фатмир Битиќи од СДСМ порача дека зголемувањето на платите во јавниот сектор е повеќе од барање на финансии, туку барање за одговорност и социјална правда.

– Без розовите очила на Владата, јасно е дека просечната плата во земјава е во пад за цели 1.000 денари за основните потреби, потрошувачката кошница е над 61.000 денари. Платите во јавниот сектор се далеку од овозможување достоинствен живот на вработените во јавниот сектор. Додека ние дискутираме, тие се борат со секојдневниот живот, со цените и трошоците. Приоритет на новата влада се трошоците за нови возила, мебел, договорни услуги, со апсурдни суми, како можете да оправдате вакви суми додека илјадници граѓани се прашуваат како ќе го преживеат месецот. Ставката на стоки и услуги ви е 20 отсто од буџетот. Немате морална одговорност, туку го прекршувате Општиот колективен договор и правите системско непочитување на системските закони – рече Битиќи.

Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ, пак, потсети дека зголемените суми за договорни услуги се набавка на возила за МВР, за АРМ и набавка на современи оружја, за брза помош, за комунална хигиена, пожарни услуги, како и за плати што СДСМ заборавил да ги пресмета.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот